Високите температури што во следните три дена ќе се искачат над 30 Целзиусови степени го вклучија метео алармот. УХМР предупредува дека ќе се наоѓаме во жолта алерт фаза бидејќи температурите на воздухот ќе бидат повисоки од просечните за овој период и ќе се движат меѓу 25 и 32 степени. Министерството за здравство испрати предупредување.
„Во следните денови ќе се задржи стабилно, суво топло за овој дел од годината. Најтопло ќе биде утре и во првите два дена од наредната седмица кога највисоката дневна температура на некои места, особено на југот ќе надминува 30 степени“, информира УХМР.
Ненадејната изложеност на повисоки температури, без претходна постепена адаптација, создава чувство на поинтензивна топлина слична на температурите во јули и aвгуст и може да предизвика здравствени проблеми кај некои лица, објаснуваат надлежните од Министерството за здравство.
„За таа цел, се препорачува да се носи соодветна лесна облека, да не се престојува предолго на директна сончева изложеност, а хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија“, препорачуваат здравствените власти. .