Минхенската полиција потврди дека нашла тело на самоубиец, со голема веројатност тоа да бил единствениот напаѓач од трговскиот центар „Олимпија“, се наведува во соопштението на градската полиција.
Силите за спроведување на законот, исто така, посочуваат дека напаѓачот дејствувал сам. Претходно полицијата соопшти дека трага по три лица осомничени за нападот, повикувајќи се на изјави на очевидци. Меѓутоа, во моментов верува дека само еден човек е одговорен за нападот во трговскиот центар.
„Предвремено отповикување на тревогата. Во рамките на истрагата за настаните најдовме човек кој извршил самоубиство. Притоа со голема веројатност може да се каже дека тоа е напаѓачот, којшто, според нашите последни сознанија, дејствувал сам“, се наведува во соопштението на полицијата на Минхен, објавено на социјалните мрежи.
Според полицијата, информациите за тројца напаѓачи, од кои двајца се во бегство и се трагаше по нив, не се потврдиле. Според достапните информации, напаѓачот пронајден мртов, најверојатно самиот се убил, а неговото тело е најдено на еден километар од местото каде што го извршил вооружениот напад.
Околу два часот утрото властите во Минхен објавија дека тревогата минала и дека граѓаните може да излезат од своите домови и привремени засолништа, а сообраќајот повторно е воспоставен.
Повеќе не е на сила „високо ниво на закана“, изјавил претставник на полицијата за Sueddeutsche Zeitung. „Високото ниво од терористичка закана“ полицијата го објави веднаш по нападот во трговскиот центар „Олимпија“.
Пукањето во трговскиот центар кој се наоѓа на пет километри од центарот на Минхен, предизвика низа евакуации на јавно места, запирање на јавниот транспорт и предизвика паника во градот.
Полициски извор за агенцијата Reuters потврдил дека бројот на жртвите достигнал десет. Претходно полицијата соопшти за девет мртви, но за агенцијата DPA лекар од клиниката на Техничкиот факултет изјави дека починала пациентка, една од деветте ранети лица донесени во оваа болница.
Спасувачките служби на Минхен соопштија дека по пукањата во градот биле хоспитализирани 21 човек, а лекарите им укажувале разни видови помош на неколку стотици лица на местото на нападот.
„До 0,50 часот (во саботата) Брзата помош доставила во болниците 21 човек. Во моментов на неколку стотици луѓе им се пружа помош од специјалисти во посебно опремените пунктови“, соопшти противпожарната служба на Минхен на Twitter.
„Повредените се донесени со повреди кои се движат од лесни до тешки“, прецизира портпаролот на минхенската полиција Маркус де Глорија Мартинс, кого го цитира весникот Sueddeutsche Zeitung.
Претходно полицијата објави дека десет лица се ранети во инцидентите во градот, додека медиумите известуваа за бројот на ранетите достигнал дваесет луѓе.