Најславниот Корзиканец во историјата Наполеон Бонапарта, пред да стане император на најнапредната земја во својата ера, ја одвел војската на експедиција во Египет. Она што му се случило во Кралската одаја во Големата пирамида во Гиза и ден денес е мистерија.
Во 1798 година Наполеон започнал воена експедиција на Египет, предводејќи трупи од се уште младата Француска Република. Како и многу други луѓе пред него, бил фасциниран од фараоните и со себе повел многу инженери, истражувачи, историчари, астрономи и археолози.
Тој бил толку многу воодушевен од пирамидите, што пред познатата битка која се водела во нивното подножје, пред неговата војска да победи, ги изговорил познатите зборови: „Војници“, рекол покажувајќи кон пирамидите, „запомнете дека од врвовите на овие пирамиди ве набљудуваат 40 векови историја“.
Познато е како подоцна сè се завршило и како ги добил сите битки, а ја изгубил војната, како морал да се врати во Франција и како на крајот целата експедиција пропаднала без него.
Она што не е толку познато, е фактот дека Наполеон влегол во Кеопсовата пирамида во внатрешноста на Кралската одаја и барал да го остават сам некое време. Кога излегол надвор, според очевидците, бил многу потресен. Советникот го прашал дали доживеал нешто мистериозно, но Бонапарта одбил да коментира што се случило. Само рекол дека не сака никогаш повеќе да се спомне тој настан.
Со години подоцна, кога бил на смртната постела, близок пријател повторно му го поставил истото прашање. Наполеон наводно се подготвувал да одговори, но на крајот само одмавнал со главата и рекол: „Не, нема поента, никогаш не би ми поверувал“.
Што се случило е мистерија и ден денес, а постојат многу хипотези кои се обидуваат да одговорат на тоа прашање, од тоа дека го видел минатото до тоа дека ја видел иднината и својата сопствена судбина. Интересно е тоа што наводно и други луѓе доживеале чудни работи во Кралската одаја – Алистер Кроули и Пол Брантон се некои од нив. Кроули тврдел дека видел „астрална светлина“, додека Брантон, кој преспал внатре, подоцна раскажувал за соништа во кои имало „кругови на непријателски настроени суштества“.
Во поново време некои научници тврдат дека визиите биле предизвикани од позадинскарадијација која ја емитирал црниот гранит во одајата, а љубителите на окултното не веруваат во тоа, затоа што според нив, тогаш секој кој влегол би требало да има визија. Има и истражувања кои наводно покажале дека „духовен камен“ генерирал некакво електронско поле кое можело да доведе до шок кај некој кој пие од метална матарка.
Некои сугерираат дека Кеопсовата пирамида, поради гранитните блокови, била способна за пренесување и примање на радио сигнали, па дури и микробранови сигнали. Поранешен член на НАСА, Ричард Холанд, вели дека во Кралската одаја бил пронајден радиоактивен песок, што би можело да ги објасни чудните искуства на многу луѓе, а меѓу нив и она на Бонапарта.