Мицкоски: Ако лидерот не клекне пред следбениците, не ја заслужува нивната доверба


Добар ден за верниот Исток, но и сите оние кои што од сите краишта на нашата мила мајка Македонија ни се придружија денеска, ова неделно после пладне.
Добар ден за достоинствена, горда и пркосна Македонија, и добре ни дојдовте!
Ми велат никогаш не треба лидерот и претседателот, неговите следбеници и следбениците на идејата да го видат на колена. Но јас имам еден одговор на тоа, ако претседателот и лидерот не клекне пред луѓето кои што ја следат каузата и идејата за Република Македонија и за независна Република Македонија тогаш не ја заслужува нивната доверба.
Ви се поклонувам на сите, да сте ми здрави и живи! И да победиме што е можно поскоро!
Браќа и сестри,
Трнлив бил патот на Македонија низ историјата. Секогаш исправана пред предизвици, неправди и апсурди.
Стојам пред вас како пријател, и стојам пред вас како ваш сонародник, човек загрижен за истите работи за кои што и вие сте загрижени. И како пријатели и сонародници, не смееме да имаме тајни меѓу себе, туку отворени срца и добри намери, за заедно да им погледнеме на проблемите во очи, затоа што поприлично ни се насобраа во нашата држава во последнава година и половина.
Но, пред да продолжам, дозволете да истакнам дека за мене претставува огромна чест што сум денес овде, во градот Штип, во чија близина се родиле, престојувале или дејствувале едни од најголемите синови на македонскиот народ: голема почит кон Делчев, голема почит кон Груев, Александров, генералот Михајло Апостолски, Ацо Шопов, првиот премиер на независна Македонија академикот Кљусев, првиот министер за внатрешни работи Мијалков, првиот претседател на независна Македонија Глигоров и многу, многу други. Нема многу места што можат да се пофалат со вакви дејци, и јас ја користам оваа прилика да им ја одадам мојата најдлабока почит, ви благодарам за се што сторивте за нашата татковина.
Иако скромноста не ми дозволува да мерам било што со големината на нивното дело, одлучноста што денес ја гледам на вашите лица ми дава надеж дека во најмала рака можеме да бидеме нивни достојни наследници и ништо повеќе, и ништо помалку, да бидеме нивни достојни наследници.
А, како ќе бидеме, почитувани мои? Ќе бидеме единствено доколку се бориме за Македонија, со чиста мисла, со срце и со мудрост. Ќе беше белким полесно и за Кљусев и за Глигоров доколку се согласеа на се што бараше нашиот јужен сосед во девеесетите, но тие не го направија, а не го направија затоа зошто не дозволија да ја видат сопствената држава понижена, омаловажена и урнисана.

Денес имаме политичар кој тоа го прави и не се срами што тоа го прави. Го имаме Зоран Заев и неговата владина свита. Човек и луѓе кои немаат никаков проблем да зборуваат колку го почитувале минатото, додека мртви – ладни на дело формираат комисија која ќе ни ја ревидира историјата, како обврска која тие си ја преземале во името на сите нас, иако никој не им го дал тоа право. И уште поважно, спроведуваат одредба од договор што Заев и Димитров сами си го потпишаа и најважно од се – спроведуваат одредба од договор кој што воопшто во овој момент не е на сила, само да му се допаднат на Ципрас и Коѕијас, ништо повеќе и ништо помалку!
Кога ќе ги прашаат зошто го правите сево ова, изговорот им е дека историјата мора да се потчини на политиката, како влог за подобро утре. Некако ми се чини дека ова подобро утре на Заев и СДСМ бара премногу влогови. Затоа што не им е првпат.
Прво ни го вложија името со времената референца, па го вложија државното знаме, па дојде на ред новата територијалната поделба, па сега од нас бараат да вложиме се што ни преостана и на што недвојбено полагаме на тоа суверено право: Уставот, идентитетот, името, нашите сонародници од соседните држави. Влогот е се поголем и поголем, а тоа нивно подобро утре никако нема да дојде, брутална лага, дрскост и ароганција.
Но, драги мои пријатели, по се изгледа дека не е до големината на влогот и жртвата која постојано и постојано СДСМ бара да ја направиме, туку е до неспособноста на луѓето кои ја водат оваа партија, а во моментов, за жал, ја водат и нашата татковина. И тоа не ме чуди, кога пак било поинаку со нив, кога било поинаку?
Но единствено што ме чуди, морам да бидам искрен, е одлучноста со која по не знам кој пат СДСМ ита кон бездната и не повикува сите нас на скок во неа заедно со нив. Тоа задоволство нема да им го дозволиме. Имаме право на борба до последен здив.

Не можам, а да не го споделам впечатокот дека секогаш кога СДСМ ја има власта, Македонија ја има се помалку, без некој атрибут, без некое право, без некоја гордост. По кој знае кој пат една безмалку иста група на отуѓени луѓе, кои веројатно себе си се доживуваат како посебни, а сите други како далеку под нив, успеваат со непристојни додворувања и ставајќи ја како влог сопствената држава и нација, небаре е на татко им, да се изборат за позиција, да се дофатат по било која цена до власт, за да продолжат непречено да уживаат во своите привилегии, кои тие ги сметаат за наследни. Не барам да ми верувате, не барам да ми верувате на зборот, барам да погледнете околу вас – за само година ипол на власт арогантно и експлоататорски разграбаа се што можеа, тендери, бизниси, договори во четири очи, илјадници, милиони ваши пари евра завршуваа безмислосно во нивните џебови, а на нас ни оставија, на народот му оставија да ја плати цената за нивната алчност во вид на платформи и договори кои се надвор од Устав, закон и народна волја.
И, браќа и сестри, тука е клучот на сета оваа несреќна збрка. Под плаштот на европската иднина на државата се спроведува пљачката на векот! Се злоупотребува силната желба на македонскиот народ и сите наши сограѓани за европски стандарди, вистински просперитет, стабилност и сигурност на државата, за да се истера агенда која е против сите наши државни и национални интереси.

СДСМ мисли дека ако дадат се ќе им биде дадено се. Но тој исти трик го имаат употребено многу пати досега, и нема да им дозволиме да им помине уште еднаш!
Илузијата која мислат дека успешно ни ја продаваат, како и на многу наврати во минато, силно ќе им се удри во глава. Никој не сака криминалци и лажговци. Никој не толерира такво поведение, а најмалку сојузите каде што се стремиме.
Почитувани, браќа и сестри,
Ве повикувам да бидете внимателни! Ве повикувам да бидете претпазливи кон се што кажуваат и во се што сакаат да поверуваме. Сакаат да поверуваме во една лага која ја наметнуваат преку нивните брутални и едногласни кампањи преку напад на сите сетила, без исклучок во првите 20 минути се посветени само и исклучиво на една тема, како да се излезе и поддржи договорот, еднолично и манипулативно. Нема спротивставено мислење, за да нема црв на сомнеж, затоа што тие сакаат вие да поверувате во една лага кои тие ја сервисираат како единствена вистина, а зад која се крие наше обезличување како народ и како држава.

Погледнете ги само нивните скапи спотови. Има инсерти од АСНОМ, Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, запаметете ослободување на Македонија, а не на Северна Македонија како што предвидува овој договор кој го нудат. Па АСНОМ е се, само не е тоа што ние денеска го имаме на маса, кој што претставува капитулантско дело на СДСМ и Зоран Заев т.н. договор. Има инсерти од фудбалската Репрезентација на Македонија која тие сакаат да ја преименуваат во репрезентација на Северна Македонија. Ама тоа не го кажуваат во спотовите, тоа не можете да го видите во спотовите, но затоа пак во спотовите ќе ви ветат ако влеземе во ЕУ ќе имаме бесплатно здравство, ќе имаме бесплатно образование. Замислете Владата која што има полна уста ЕУ и НАТО ви вели наместо кога ќе влеземе ќе изградиме најсовремена болница каде што ќе ги имате истите услови како и граѓаните на ЕУ она ве брка од сопствената татковина и ви вели таму имате бесплатно здравство. Наместо да рече кога ќе бидеме дел од ЕУ ќе изградиме најсовремен Универзитет во Македонија кој што ќе биде во првите 100 според Шангајската листа, па да можат генерациите да го добијат истото знаење како нивните врсници во ЕУ, она им вика одете бегајте во ЕУ, таму ќе биде бесплатно вашето образование. Комплетно аутистичен, недржавнички, недомаќински и анационален пристап за сите оние кои што ова го прокламираат на ТВ кампањата. Каква замена на тези, каква погрешна замена на тези ни сервираат овие луѓе. Во ТВ спотовите ќе го споменат ВМРО-ДПМНЕ, ќе го споменат ВМРО-ДПМНЕ и ќе ме споменат мене. Па нели ВМРО-ДПМНЕ е на колена, не е важно можете вие се самите да направите. Нели Христијан Мицкоски немал рејтинг, не го сакале, статистичка грешка сум бил. Што ќе ви е ВМРО-ДПМНЕ и Христија Мицкоски? Терајте! Ама пустото не било така и ВМРО е големо, и Македонија е голема! И престанете тие 4 букви да ги ставате во поганиот ваш речник.

Безсрамно ќе лажат, ќе клеветат, ќе измислуваат, ќе велат дека сум бил на овој или на оној, сум бил со овие, сум бил со оние. Не бе луѓе јас сум со Македонија и на Македонците, и граѓаните на оваа татковина моја! Ова е битката на нашата генерација, ова е битката за економски богата и просперитетна држава. Историјата ќе сведочи кој бил на правилната, а кој на погрешната страна. Јас знам, кога ќе чекориме по улиците, кој ќе чекори со гордо крената глава, а кој од срам ќе ја ведне доле, тој има име и презиме, има и следбеници Зоран Заев и СДСМ.
Луѓе, браќа, сограѓани, стојам овде пред вас и можам да ви кажам дека Македонија е во опасност, и тоа опасност која доаѓа од налетот на незнаењето, неспособноста, и криминогеноста на врхушката на власт. Сакаат да поверувате во нивните шарени лаги. Ако договорот бил толку добар и толку прифатен од народот немаше на Заев да му треба тој ветар во грб кој тој го преставува како иднина, а за државата значи провалија. Јас имам еден живот, и не ми е сеедно на што сум го посветил, се родив, работам и сакам да го завршам мојот живот како Христијан, Македонецот од Македонија. Затоа што тоа биле моите родители, моите предци, тоа се моите деца и тоа сакам да бидат и моите внуци.

Почитувани сограѓани,
Срдно, силно и грчевито се борат да не се збори за договорот и затоа избега од дебата, човекот кој се колнеше и бараше дебати. Вели сум сакал да му кажам што мислам за апстиненцијата? Еве ќе му одговорам – прифати Зоране Заев дебата, јас и ти, без медиумската армадила позади тебе и скапо платените советници. Јас и ти, очи во очи на било која телевизија, ти ветувам на крај од таа дебата ќе ти кажам што мислам за апстименцијата. Но претходно ќе мора да одговориш за наведнатата кичма, за губењето на идентитетот, за одземеното достоинство на народот, за наместените тендери, за криминалот кој го правиш на дневно ниво, за сите лаги и неисполнети ветувања и национални порази. Ќе треба да одговориш за се што и го правиш на Македонија оваа година и половина, ти и таа свитата околу тебе. Јас и ти, очи во очи!

Почитувани сограѓани,

Нема вечно обвинителството да биде немо на криминалот, а судовите да работат под притисок. Ќе дојде ден ќе се постави прашањето за одговорност и за тоа како среде центар на град сам си кажува и поттикнува на поткуп и врши притисок на фирми само за да луѓето излезат да гласаат на референдумот. Истото тоа го прави години наназад на избори, дали биле парламентарни или локални избори. Па нели тоа е нечесен однос и потценување и омаловажување на сопствениот народ, ова ли господине Зоран Заев тие европски вредности со кој ти е полна устата, на полупразните плоштади, ширум Република Македонија. Дали тоа се тие европски вредности кои што граѓаните сакаат да ги слушнат? Не! Тоа е само омаловажување и понижување на сопствениот народ и криминал, затоа што поттикнуваш поткуп и ќе дојде денот кога секој ќе одговара и пред обвинителството и пред судовите.
Ветувања, почитувани сограѓани не остварува, ама барем остана верен на своите клептомански пориви. Типично за Заев човекот кој шибицарски пред камера бараше поткуп од 200 илјади евра, претходно го амнестираа за криминал за 8.5 милиони евра тежок сомнеж за криминал, сега поттикнува поткуп среде Крива Паланка. Ништо не треба да не чуди, тоа е пусти Заев кој за тие пари подготвен е да продаде се само фотелјата не. А, обвинителството молчи, и продолжува да молчи како ништо да не се случува во државава. Како да има надвор бајка, и медиумите 20 минути зборуваат за убавиот сон на Зоран Заев, додека масовно пљачка се случува ширум Македонија. Масовна пљачка и криминал.

И кога вака ќе се притиснат од скандали нормално светлото ќе го свртат кон ВМРО. Па утрото ќе има објави дека ВМРО-ДПМНЕ тивко го гушнала бојкотот, или апстиненцијата, и на истите места вечерта ќе објават дека ВМРО не ја поддржува апстиненцијата. Тука е и таа изнасилена кампања во која ќе најдат некој кој задолжително ќе го престават како дел од раководните структури на партијата, или па ако не е тоа ќе биде некој роднина на роднината член на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе говори дека морало да се гласа. Ама на овие истиве места нема да слушнете ниту збор за тие се погласни превирања во СДСМ, како поранешниот нивен претседател Црвенковски призна дека не ги бива и не даваат резултати, како крила во СДСМ единствено апсат за функции и елиминираат конкуренција, ама не и за сторен криминал, бидејќи криминалот е широко метастазиран во нивните највисоки кругови.

Ќе креираат квази тема со бомбастичен наслов– „Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот – факт или фикција?” и ќе зборуваат за нешто што не може да биде појасно. Па ќе речат ВМРО нема став за референдумот, и добро ако нема став нека го кажат планот Б и така натаму ќе продолжат со нарачаната програма?

Почитувани сограѓани,
Прво, еве, за нив, не за вас, зошто знам дека на вас се ви е јасно, за нив ќе повторам уште еднаш, наједноставно што можам.
ВМРО-ДПМНЕ, почитувајќи ги своите вредности на индивидуална слобода и демократско поведение одлучи да остави на граѓаните на оваа држава да постапат на 30-ти септември по своја слободна волја и убедување! Тоа значи, дека ние нема да наметнуваме партиска агенда, туку ќе учествуваме во дебатата исклучиво презентирајќи факти и аргументи кои сме длабоко убедени дека се на наша страна.

Ова ќе го направиме затоа што сметаме дека за национално прашање, како што е менување на името на државата МОРА да одлучува нацијата. Улогата на партиите во овој случај е да му ги објаснат на народот фактите и последиците, добрите и лошите страни… Во тој процес, партиите имаат должност да ги презентираат фактите такви какви што се и имаат уште поголема обврска да не спинуваат вакви суштински прашања.

Зашто луѓето мораат да знаат, Македонската нација мора да знае, и сите нејзини составни делови, не само Македонците, мора да знаат какви последици повлекува овој договор, сите оние кои што се наши сограѓани и соседи во нашата татковина Република Македонија.
Овој референдум, иако намерно збунувачки срочен, не е изјаснување дали сакаме во ЕУ и НАТО, туку е референдум за тоа дали прифаќате да се промени името на земјата и дали ги прифаќате последиците што произлегуваат од ефективниот договор кој што го потпиша СДСМ и Зоран Заев со нашиот јужен сосед. Тоа е овој референдум.

Мора да знаете дека не гласате за европски вредности затоа што ова е референдум на кој се одлучува дали го прифаќате или не го прифаќате Договорот од Нивици и ништо друго! Гласањето ЗА нема да го промени фактот дека Зоран Заев и следниот ден ќе дели тендери по роднински клуч, Кочо Анѓушев и понатаму ќе удира по новинари со фломастери, нивните градоначалници ќе продолжат да ги шпиунираат своите соседи и сограѓани, ќе шверцуваат цигари, ќе тепаат жени или што уште не се подготвени да направат за таа пуста власт.
Наместо кампања која ја брани нивната одлука да потпишат го овој капитулантски договор, од СДСМ ние добивме кампања која не убедува колку ќе биде убаво кога ќе и се приклучиме на Европската Унија! Не убедуваат во нешто што за сите нас е познат факт. Не убедуваат во нешто во што ние одамна сме убедени! Стотици, илјадници, милиони ваши пари, евра се фрлени во ветар за да ве убедат во нешто во што самите верувате!

Јас ги повикувам, ја користам оваа прилика од градот херој, од Штип, да излезат и да го бранат тоа што го потпишаа во Нивици, да дебатираат, и да ги кажат фактите онака како што ние отворено, чесно и демократски ги кажуваме нашите за да може секој еден граѓанин да ги чуе.
Милионските кампањи кои говорат за бесплатното здравство што ќе го добиеме низ цела Европа, што патем е лага, не се одговор на прашањето зошто во договорот сме Втората Страна, а не сме Република Македонија?
За среќа, историјата е наука и не подлежи на слободните интерпретации и медиумски спинови на Заев, па сигурно во иднина ќе се врати да не истражува и нас и нив, и нашите и нивните зборови и дела и ќе ги гледа фактите. Еден ден сите ние ќе бидеме нечија историја, на нашите деца, на нашите внуци, и се што сакаме е таа историја да биде заснована на македонската вистина, на вистинската вистина, да ја пишуваме на македонски, да ја изучуваме на македонски… Многу ли е тоа? Зарем тоа е толку неразумно да си ја пишувате и читате сопствената историја на сопствената држава на македонски, да ја читате на македонски? Многу ли е тоа што го барам?

Токму од овие причини, нашиот став за Референдумот ги збунува. Слободата не им е близок концепт…
Почитувани викаат дека немало план Б. Јас ќе кажам нешто за планот А кој е поважен од планот Б. Планот А, прв и најважен е овие луѓе кои во овој момент за жал ја водат нашата татковина да си заминат од власта која ја имаат заграбено, зошто само така на Македонија ќе и тргне и само така Македонија ќе зачекори вистински кон Европа и никако поинаку.
Пред нас е период во кој можеме да покажеме дека сме едно, дека не води една мисла, дека имаме еден пат и дека немаме друга алтернатива, за да им ја предадеме нашата родина на идните генерации единствена и достоинствена, а не омаловажена и понижена.
„Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и култура и вера се разделува на разни спротивставени страни една од друга потуѓи…” ќе рече даскалот Гоце Делчев.

Затоа сакам да се обратам и до членовите на СДСМ. Точно е дека се разликуваме во нашите светогледи, имаме различи политички погледи, но заедничка ни е Македонија и поважна од било која партија. И знам дека ова денес не е СДСМ, ова што и се случува на Македонија е Зоран Заев и тесна клика околу него која се бори исклучиво за своите лични интереси и кариери. Не ги слушајте и одлучете по сопствено убедување и придружете ни се, сочувајте го вашето достоинство. За тоа кој ќе биде на пратеничките листи, или директор или функционер, сега не се работи, сега се работи за вашата татковина Македонија, таа која што ве одгледала, школувала, таа што ви дала можност да се изградите во здрави личности, да создадете семејства. Македонија е во прашање, нема ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, придружете ни се, отворени се вратите, заедничка е оваа битка, оставете го Зоран Заев и кликата околу него.
Ова се историски времиња, и само оние кои не сакаат да разберат што сакам да кажам се прават дека ВМРО не ги оправдува очекувањата. И го напаѓаат, заборавајќи дека државата има еден проблем, проблемот има име и презиме Зоран Заев, тоа е проблемот.

Ве повикувам да останеме принципиелни, чесни и искрени, само така никој ништо не ни може, никој ништо не ни смее. Само да останеме принципиелни и чесни искрени кон нашата љубов, кон татковината, нацијата и сето она што ни го оставиле нашите предци. Тогаш никој ништо не ви може, верувајте. Нема сила која што може нешто да ви направи.
Бидете достоинствени, горди. Немојте да ја подвенеме кичмата, не го заслужуваме тоа, ниту нашите предци.
Ве повикувам да бидете горди и бескомпромисни во чувањето на нашата Слобода!
Зашто ние не сме ниту неконструктивен елемент,
Ниту пак сме пазарџии како Зоран Заев,
Ниту пак се занимаваме со лаги и манипулации.
Сите вие кои во срцето ви е Македонија,
Сите сте луѓе на организацијата, а организацијата е на народот,
И Ние и служиме гордо, чесно, единствено на Македонија!
На 30-ти септември слушајте го срцето и постапете како што вели разумот.
Да е живо и здраво ВМРО-ДПМНЕ,
Да е жива и здрава и Коалицијата „За подобра Македонија“.
Да е жива и здрава Република Македонија!

интегрален текст од обраќањето на г. Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ од денешниот протестен марш кој се одржа во Штип.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1