Подготвуваме кривична пријава за сите потписници на ова капитулантско дело, изјави вечерва лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „Само вистина“. Мицкоски во неговото интервју зборуваше за договорот со Грција, кој го нарекува капитулански за Македонија и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува и на следната седица за овој договор.
Тој ја поддржа и одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да не ја потпише ратификацијата.
– Претседателот Иванов има сериозно силни аргументи за неговата постапка. Апсолутно стоиме позади таа постапка – изјави Мицкоски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени со цел промена на уставното име.
Мицкоски е сигурен дека ВМРО-ДПМНЕ би направил многу подобар договор со Грција.
– Имаме целосно асиметричен договор, ние преземаме обврски, додека нашиот јужен сосед не вели „реализирајте ги вие вашите, па јас ќе размислам за моите“. Ми беше жал кога го гледав насмеаното лице на Зоран Заев во Мала Преспа кога потпишува капитулација. Компромис никогаш не е весел, компромисот е тажен, затоа што правите отстапки. Најмалку што можеше е да изглуми тажна фаца – вели Мицкоски.
Тој одговори и на обвинувањата против него што на денешната пресконференција ги објави СДСМ, зборуваше за состојбата во економијата, за инцидентот во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и за можните предвремени избори.
– Ние сме единствени. Не само што сме единствени, туку поцврсти од тоа што СДСМ мисли и поцврсти од порано и на следните парламентарни избори ќе го видите надојден Вардар – изјави Мицкоски.