МНР: Инцидентот со мигрантите кај Идомени поттикнат од НВО активисти


Организираните масовни и координирани обиди за илегален премин на границата, што се случија вчера, според многу аспекти, вклучувајќи ја и вмешаноста на активисти на невладини организации, имаат карактеристики и наликуваат на сличниот инцидент за масовно илегално преминување на границата од 14 март годинава во кој беа инволвирани 2.500 мигранти.mnr novo zgrada

Ова се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи во врска со вчерашниот инцидент на македонско-грчката граница кај Идомени во кој беа повредени 23 припадници на македонските безбедносни сили кои спречија над 3.000 мигратни насилно да влезат од Грција на македонска територија.

– Различни извештаи говорат дека во обидот да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство мигрантите биле поттикнати, заведени и организирани од активисти на невладини организации. Било регистрирано и дистрибуирање на летоци кои содржеле лажни информации дека штом мигрантите успеат да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство тие ќе можат непречено да го продолжат својот пат до земјите членки на ЕУ, се посочува во соопштенеито.

Според МНР, македонските безбедносни сили, заедно со полициски службеници од неколку земји членки на ЕУ кои се распоредени на јужната граница, согласно Програмата за соработка на ЕУ и Македонија за поддршка на менаџирањето на границата заради справување со мигрантската криза, одговорија брзо и согласно ситуацијата и спречија нелегален влез. Притоа наведуваат дека не е повреден ниту еден од мигрантите кои учествуваа во насилните протести.

– Употребен е солзавец со цел да се растури насилната група. Не се употребени никакви други средства на контрола, ниту физичка сила против групата. Дваесет и тројца припадници на македонските сили се повредени за време на инцидентот. Воедно, ниту еден од извршителите не е повреден на македонска територија. Утврдени се неколку оштетувања на граничната ограда, се посочува во соопштението.

Се посочува дека македонските власти побарале вклучување на грчките полициски сили во услови кога постојано се случуваат насилни напади од грчката територија.

– Постојано се упатуваат барања за соработка и размена на информации со цел превентивно да се делува во однос на насилните протести на мигрантите и обидите за илегален премин од Грција на македонска територија. Воспоставувањето ред и мир во пограничната зона, како и во и околу центрите за прифаќање мигранти е од суштествено значење за превенирање вакви инциденти во иднина, се нагласува во соопштението од македонското МНР.

Инаку, ситуацијата на граничниот камен 59, се посочува, е вратена во нормала во 18 часот и 30 минути и во моментов е мирно.

Обидот за илегален влез се случи вчера околу 10:50 часот на граничната линија помеѓу Македонија и Грција кај граничниот камен 59. Во инцидентот се проценува дека учествувале над 3.000 мигранти организирани во помали и поголеми групи во обид насилно да влезат на територија на Македонија од Грција кај нелегалниот граничен премин кај каменот 59. Сличен инцидент за масовно илегално преминување на границата се случи на грчко-македонската граница на 14 март годинава кај селото Моин во кој беа инволвирани 2.500 мигранти.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1