Министерството за надворешни работи потврди дека во Словачка се приведени осумина македонски државјани, кои работеле во земјата со лажни договори за работа.
Портпаролката на МНР Елена Пресилска изјави за МИА дека Амбасадата во Виена, која е задолжена за Словачка, остварила контакт со надлежните во словачкото МНР и словачките миграциски служби, при што е утврдено дека на 17 октомври околу 19 часот се приведени 62 лица, меѓу кои и осуммина македонски државјани.
Тие се приведени при излегување на фабричките простории на „Shin Heung Precision Slovakia“, во близина на Трнава.
Меѓу приведените, освен осуммината македонски државјани, 23 биле од Србија, 27 од Украина и четворица од Босна и Херцеговина.
Тие по приведувањето биле пренеси во центар за странци во Дубрава, кој се наоѓа во близина на словачко-унгарската граница и кој служи за сместување на лица, кои нелегално живеат или работат во Словачка.
Приведените следниот ден се ослободени и одреден им е рок од седум дена да ја напуштат Словачка, како и забрана за влез во ЕУ, освен три лица, кои имале фалсификувани патни исправи и кои се уште се задржани. Меѓу тие три лица нема македонскит државјани.
Пресилска изјави дека досега ниту еден од приведените македонски државјани не се обратил до надлежната Амбасада.
Српските медиуми вчера јавија за 72 приведени. Српската државјанка Марија Здравковиќ, која од почетокот на септември работи во Словачка, изјави за Б92, дека приведените работници се држени како криминалци.
– Потпишаа куп хартии, имаа преведувачи, кои не се потрудија да им помогнат. Полицијата вели дека договорот е лажен, како и фирмата за која работат и дека казната е забрана за влез во ЕУ и оти мораат да ја напуштат територијата на Словачка во рок од седум дена -појаснува таа.
Шефовите на фирмата, во која се случил настанот велат дека се е во ред и работниците ги советуваат да продолжат со работа. Полицијата и натаму спроведува рации.
Словачкиот јавен радио и тв сервис (РТВС) нагласи дека словачкото Министерство за труд и социјални прашања веќе подолго време води борба против посредничките агенции, кои ги злоупотребуваат странските работници, ги носат во Словачка со неважечки договори, не им плаќаат социјално и здравствено осигурување и кои често работат во полоши услови, отколку Словаците вработени во исти фабрики.