Државната изборна комисија (ДИК) ги одби сите поднесени приговори поднесени за првиот круг од Локалните избори што се одржаа во неделата.
d
Портпаролот на ДИК Љупка Гугучевска за МИА изјави дека седницата завршила утрово и оти се одбиени сите приговори.
До ДИК беа поднесени вкупно 46 приговори од кои 43 имаше поднесено ВМРО-ДПМНЕ, но пред почетокот на вчерашната седница беа повлечени три и еден во текот на седницата. По еден приговор поднесоа и ТМРО, Алијансата на Албанците и Левица.
Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението, а Управниот суд, пак, по приемот на жалбата, должен е да донесе одлука во рок од 48 часа.
Вториот круг на локалните избори ќе се одржи на 29 октомври.









