Момчињата од Скопје за кои вчера попладне се крена паника во Охрид, а утрово беа пронајдени живи и здрави, раскажале дека гумениот чамец со кој пловеле, не ги издржал брановите во Охридското Езеро.
19-годишниот Марко и 18-годишниот Теодор, вчера околу 19 часот, со гумен чамец и весла влегле во езерото на околу 150 метри над автокампот Елешец, во кој двајцата престојувале.
-Поради силниот ветер, големите бранови и силните подводни струи нивниот чамец бил подигнат на околу 500 метри над автокампот, а потоа било забележано и неконтролирано движење на пловилото кон Свети Наум. Дополнителен проблем бил и мракот по што од видик исчезнале и момчињата и чамецот. Езерската полиција и Капетанијата излегоа со два патролни чамци, а полициска екипа имаше и на бродот „Галеб“. Паралелно ја информиравме и албанската страна која со термо-камери вршеше преглед на целото крајбрежје, со цел пронаоѓање на момчињата, објаснува портпаролот охридската полиција Стефан Димоски, пренесува Нова Македонија.
Портагата по двете момчиња стартувала откако нивните другари пријавиле во полиција дека пловилото на Марко и Теодор се движело неконтролирано и исчезнало од видик. Акцијата веднаш започнала и по кратко време, се ангажирале и претставници на Капетанијата и полициски службеници од Албанија.
-Акцијата се одвиваше на целото крајбрежје до Охрид до албанската граница. Двете момчиња се пронајдени во 04 часот и 10 минути на копно кај црквата „Света Богородица – Заумска“. Тие покажаа извонредна храброст борејќи се цела ноќ со езерските бранови и силната подводна струја, истакнал Димоски.
Според „Нова Македонија“, момчињата не можеле да побараат помош бидејќи со себе не носеле мобилни телефони или уред за сигнализација.