Монокл – ПЛАСТОВИ


Поезијата е како и археологијата. Отпретуваш педа по педа, копаш стапка по стапка, ги откриваш најгорните слоеви, па оние под нив и така стигнуваш до оние најдолните.

Пишува: Христо Петрески

Во зависност од тоа колку има ментални слоеви и колку е акумилирана енергија во главата на творецот, толку и материјал ќе биде вграден во самата нова песна. Сликите навираат сами, дејствието се гради и над(о)градува, а авторот само привидно мисли дека е тоа миговен порив, дека песната се открива и создава сама по себеси, заборавајќи за миг на сето претходно лично и писателско искуство, на сите доживеалици, сензации, контрасти, парадокси, контрапункти…

Та, колку ли само пати, поетот помислил да запише одредена мисла, слика, стих, строфа, па дури и цела песна, расказ…, но тоа не го направил во тој миг, зашто немал пенкало, хартија, или бил на отворено, во мрак, лежел во постелата, патувал…, а не го направил тоа зашто длабоко верувал дека ќе го направи малку подоцна, или некој скорешен нареден пат.

Но, тоа е само илузија, зашто нескладот меѓу физичкиот и биолошкиот миг од една страна и духовниот и творечкиот миг од друга страна си го прави своето. Поради нивното непоклопување, односно поради само појавеното и иницијално, а нереализирано и конечно содејство, не доаѓа до финализација на веќе п(р)ојавената, а нерегистрирана во конкретен запис творба.

Но, сите тие идеи, мисли, слики…, ете, за среќа, ако не во конечниот облик, тогаш барем како делови од мозаикот, како пластови, ситни зрнца песок, точки, запирки, цртички… се појавуваат при создавањето на некоја следна творба. А дали творецот ќе има среќа, како копачот на злато, веднаш при првото копнување да го открие златниот грумен, или цел живот ќе трага и никогаш нема да ја пронајде златната жица, тоа не зависи само од него, туку и од наталожените пластови, од неговото искуство, изминат пат и труд.

А, да бараш златно зрнце сред непрегледен планински или речен предел е слично, па дури и многу потешко од барање малечка игла во плевна со сено и слама. Ја пронајдеш ли – биди (пре)среќен, но ќе знаеш ли потоа да ја употребиш или не…?!

Скептиците би рекле дека и тоа не е среќа, зашто можеш да се боцнеш, или повторно да ја изгубиш веднаш штом ја најдеш, но во секој случај во право се оптимистите: зашто подобро барем еднаш да ја откриеш и допреш со рака, отколку никогаш да не ја најдеш…

Што? Иглата?

Да. Песната!

Рациновски:

Пласт по пласт реди

Пласт по пласт дипли

Пласт по пласт нижи…

Пишува:

Христо Петрески

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1