На денешното рочиште за случајот „Монструм“ во скопскиот кривичен суд беа изведени писмените докази обезбедени од Јавното обвинителство за петкратното убиство кај Смилковското езеро.Во автомобилот „опел омега“ кој беше најден неколку дена по убиството и со кој, според обвинението, се превезувале дел од обвинетите биле пронајдени траги од ДНК на првообвинетиот Алил Демири.
Агим Исмаиловиќ, според обвинението, го зел ова возило од паркинг во Топанско поле, додека обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, по убиството, со истиот автомобил дошле на обиколницата кај Качанички пат каде што ги чекал обвинетиот Хаки Азири, го оставиле „опелот“ и се качиле во автомобилот на Азири.
На тркалата на автомобилот било најдено земја која се совпаѓа со земјиштето на Смилковското езеро, но според Рауфи и ова не е релевантен доказ бидејќи таков вид на земјиште имало на огромна површина. Сопственоста на автомобилот „опел омега“ се уште не е утврдена.
Траги од обвинетите и од автомобилот „опел омега“ на местото на убиството, според Рауфи не се најдени. Не е најдено ниту оружјето со кое биле извршени убиствата.
Меѓу доказите на обвинителството беа листа на појдовни и дојдовни повици на телефоните на обвинетите, односно предмети коишто биле најдени при претресите во домовите на обвинетите.
Судскиот процес за петкратното убиство почна на 20 декември 2012 година, а на обвинителната клупа седнаа Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири. На другите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство им се суди во отсуство.
На 12 април минатата година без причина беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и Борче Стефковски.
Извор – Кирилица