Мостот по кој врвел Дичо Зограф ќе стане туристичка атракција


Мостот „Еленски скок“, по кој некогаш врвел и прочуениот Дичо Зограф, кога одел да го изработува познатиот иконостас во Бигорскиот манастир, е една од повеќето атракции со кои овој крај сака да привлекува туристи. Мостот се наоѓа над Гарска Река наспроти село Могорче, во близина на месноста Бошков Мост, на десната страна од регионалниот пат Дебар – Маврово.

most dico zoografИма повеќе легенди поврзани со мостот, а името го добил според формата на лак, кој асоцира на скок на елен и претставува редок пример на мајсторство на градителите од овој крај. Со невообичаена градба, архитектура, материјалот со кој е граден и поставеноста во просторот, мостот го плени вниманието на посетителите.

Од жителите на село Могорче слушнавме една од легендите за изградбата на мостот, која се пренесувала од колено на колено од нивните предци, а ја знае секој жител од овој крај. Ни ја раскажа и Мехмеди.

– Мостот бил изграден пред 3-4 века во спомен на загинувањето на еден волшебен елен. На планината Стогово, во близина на село Могорче, ловџија од селото одејќи на лов пресретнал елен. Ја подигнал пушката за да пука. Но, кога еленот го погледал, сфатил како да го моли да не пука, да не го убива. Ловџијата бил маѓепсан, ја спуштил пушката, се доближил до еленот и почнал да го гали, а тој со главата го гушкал и го изразил своето пријателство. За средбата со еленот ловџијата им раскажал на селаните. Тие едно утро се упатиле да го бараат. Го сретнале и се обиделе да го фатат. Но, еленот почнал да бега и за да не стане плен на непознатите, се обидел да ја прескокне реката. Но, не успеал во тоа. Скокот бил за неколку педи пократок и ги скршил предните нозе. Во спомен на храброста и убавината на еленот, селаните на Могорче, кои биле прочуени мајстори, го изѕидале овој мост со невообичаена градба – раскажува Мехмеди.

Оваа легенда е најраспространета, но се раскажуваат уште две. Според едната, , мостот е изграден во сеќавање на момчето што за да ја одбрани честа на својата девојка, убил турски бег. По настанот, Турците пратиле аскер да го фатат. Гонето од аскерот момчето бегало и стасало до надојдената Гарска Река. Во тој момент од шумата се појавиле самовили и го претвориле во елен, кој без проблем ја прескокнал реката. Подоцна, како благодарност до самовилите, селаните го изградиле мостот.

Другата легенда раскажува за бегот што со својата војска се обидувал да улови елен, кој постојано им бегал и никако не дозволувал да му се приближат. Иако бил ранет, еленот не им се предавал ни кога бегството речиси било невозможно. Kога се нашол на брегот на Гарска Река, не двоумејќи се, скокнал на другиот крај од реката и таму починал. Восхитен од него бегот наредил да се изгради мост, кој ќе го симболизира тој судбоносен скок на еленот.

Dnevnik.mk

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1