На насловната страница на првото издание на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“ по исламистичкиот напад врз редакцијата, ќе биде објавена карикатура на пророкот Мухамед кој плаче, држејќи натпис „Јас сум Шарли“ и под кој пишува „Се е простено!“.
Насловната страница на новиот број од весникот, на кој работат преживеаните членови на редакцијата, им е доставен на медиумите пред утрешното објавување.
Еден милион примероци од „изданието на преживеаните“ се веќе испечатени и ќе бидат достапни во 25 земји на 16 јазици.
Нападот врз редакцијата на „Шарли ебдо“, во кој на 7 јануари беа убиени 12 луѓе, предизвика остри осуди ширум светот, но повторното објавување на карикатури на Мухамед би можело да ги разлути екстремните муслимани, кои веруваат дека е забрането цртање на нивниот пророк на било кој начин.