МВР чека известување од Грција за да започне постапката за екстрадиција на Грујевски и Бошковски


Министерството за внатрешни работи чека и официјално да биде известено од грчките власти, за да започне постапката за екстрадиција на поранешните началници Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои синоќа биле уапсени во Солун.

По добивањето на опицијалното известување, од МВР најавуваат дека ќе ја информираат јавноста околу чекорите кои ќе бидат преземени за нивно испорачување во земјава.

Двајцата поранешни началници во МВР, кои неколку месеци беа во бегство, се притворени во Солун, Грција. Бошковски и Грујевски се обвинети од СЈО во случаите „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.

Двајцата од 18 јули, кога Апелацискиот суд им определи мерка притвор, се недостапни за полицијата. Во меѓувреме во јавноста беше обелоденето дека тие користеле и лажни идентитети. Обвинети се за уништување на опремата за прислушување.

Согласно законот, ако против лице кое се наоѓа во странска држава се води кривична постапка во Република Македонија или кое е осудено од домашен суд, министерот треба да поднесе барање за екстрадиција.

Кога постои опасност дека лицето чијашто екстрадиција се бара ќе побегне или ќе се сокрие, министерот може да бара против тоа лице да се преземат законските мерки заради негово привремено притворање. Во барањето за привремено притворање посебно ќе се назначат податоците за идентитетот на лицето чијашто екстрадиција се бара, видот и називот на кривичното дело, бројот на одлуката, датумот, местото и називот на органот што го определил притворот, односно податоци за правосилноста на пресудата.

Кривичниот суд во Скопје кој ја распишал меѓународна потерница, треба целокупните списи во оригинал или заверени копи заедно со барањето за екстрадиција да ги достави до МВР. Кога против лицето чијашто екстрадиција се бара во тек е кривична постапка пред домашните судови тие до МВР треба да достават официјално барање за екстрадиција, наредба за спроведување на истражна постапка, обвинителен предлог или обвинителен акт, решение за притвор, наредба за издавање меѓународна потерница и извод од текстот на Кривичниот законик на Република Македонија.

Трошоците за преземање на лице чијашто екстрадиција и е одобрена на Република Македонија од договореното место на преземање паѓат на товар на Буџетот на земјава.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1