МВР откри тежок криминал – Кривична за првиот човек на Макпетрол и уште 20 лица


МВР поднесе кривична пријава против 21 лице поврзани со незаконско прелевање на капитал од акционерското друштво Макпетрол во Командитното друштво со акции Оилко. Десетте членови на Управниот одбор, осумте членови на надзорниот, како и тројца одговорни во Централниот регистар, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“.andrea josifovski makpetrol

Првоосомничениот, А.Ј.(63) кој се јавува во својство на Претседател на Управен одбор во Макетрол и Комплементар и Управител во Командитно друштво со акции за транспорт ОИЛКО КДА Скопје и Управител во Командитно друштво со акции за транспорт ОИЛКО КДА Скопје, второосомнилениот С.Л.(60), како Член на Управен одбор и Комплементар и Управител во Командитно друштво со акции за транспорт ОИЛКО, заедно со останатите осомничени, според досега прибавените докази, се товарат дека во својство на службени лица, заради стекнување со противправна имотна корист, искористувајќи ја службената положба и овластување нанеле штета на акционерите на Макпетрол Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати АД Скопје во износ од 375.180.000 денари, притоа овозможувајќи им на комплементарите да се стекнат со право да располагаат и одлучуваат за акционерски капитал и права на глас во Макпетрол АД во износ од 19.95%, а пак на командиторите да се стекнат со капитална добивка во вкупен износ од 304.193.176 денари.

Имено, пријавените членови на Управен одбор, во втората половина на 2006 година, спротивно на законот за трговски друштва без да има било каква одлука на собранието на акционери на Макпетрол АД за утврдување на интересот на друштвотоза вложување во идното друштво Оилко КДА, самоиницијативно и нетранспарентно превземаат повеќе активности, како подготовка за основање на Оилко КДА, со цел прикривање на вистинската намера и нивните лични интереси од основањето на Оилко КДА. Притоа подготвиле противзаконска и штетна (за останатите акционери на  Макпетрол АД),  „Предлог одлука за  вложување во командитно друштво со акции како зделка со заинтересирана страна“, а всушност станува збор за Договор за основање на ново друштво во кој што Макпетрол АД е странка. Истата таа одлука, која е незаконска, подоцна е донесена на Собранието на акционери на Макпетрол, кои биле нецелосно и неправилно информирани. Одлуката е незаконска, бидејќи сопствените акции на Макпетрол, вложени во Оилко немаат имотна вредност и не претставуваат имот, па следствено на тоа неможе да претставуваат влог во основна главнина. Освен тоа, одлуката истовремено не била во интерес на сите акционери, бидејќи со вложувањето на сопствените акции на АД Макпетрол  во КДА Оилко правата од истите кои согласно чл. 338 од ЗТД дотогаш мируваа, со вложувањето се активираат и пренесуваат на новиот сопственик Оилко  т.е на двајцата комплементари.

Исто така, двајцата првоосомничени, како комплементари-управители на ОИЛКО, во периодот од 18.01.- 23.01.2007 постапиле спротивно на Закон за хартии од вредност, на начин што не превзеле дејствија, ОИЛКО КДА во законски предвидениот рок да достават до Комисија за хартии од вредност „Првичен извештај за сопственост на акционер“, во врска со стекнувањето со акциите од издавачот Макпетрол, како друштво со посебни обврски за известување. Пријавените се товарат дека горенаведените извештаи не ги доставиле до КХВ и до Макпетрол АД, со намера да го прикријат правниот основ за вршењето на недозоволениот нетрговски пренос, односно Договорот за основањето на ОИЛКО, при што иако со самото недоставување на извештаите согласно чл.166 ст.6 од ЗХВ, го губат правото на глас од акциите, пријавените како одговорни лица на ОИЛКО во наредниот период континуирано го користеле правото на глас од стекнатите акции.

Пријавените членови на Надзорен одбор на Макпетрол Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати, во втората половина на 2006 год, иако биле должни да извршат надзор и да превземат мерки за спречување во намерата на членовите на Управниот одбор незаконитата и штетна предлог одлука да се стави на дневен ред на 9-тото Собрание, тоа не го сториле, туку и тие самите со  донесување  на заклучок  и потпишување на известување дека се заинтересирана страна, му предложиле на Управниот одбор да свика седница на Собрание на акционери со што придонеле противзаконитата и штетна „Предлог одлука за  вложување во командитно друштво со акции како зделка со заинтересирана страна“, да се најде на дневен ред. Со тоа членовите на Надзорен одбор овозможиле сопствените трезорски акции на Макпетрол АД да бидат искористени како непаричен  влог во основањето на КДА Оилко. Исто така на 15-та Седница на Надзорен одбор донеле повеќе одлуки за давање на одобрение на членови на Управен одбор на Макпетрол да бидат комплементари и управители во Оилко-командитно друштво со акции.Притоа на овој начин пријавените се стекнале со капитална добивка во вкупен износ од околу 5 милиони евра, а пак на двајцата првоосомничени им овозможиле да се стекнат со управувачки права како комплементари во Оилко, а притоа нанеле значителна штета на останатите акционери на Макпетрол АД за проценетата вредност на вложените сопствени трезорски акции на Макпетрол АД  во вкупен износ од  преку 6 милиони евра.

Пријавениот овластен регистратор во Централниот регистарсе товари дека не проверил дали  влогот што се вложува има имотна вредност, дали може да се процени и изрази во пари, и не го зел предвид фактот дека акциите кои што се вложуваат не претставуваат влог во ствари, туку се вложуваат „правата од акциите“ кои не можат ниту да се проценат ниту да се изразат во пари. Исто така, не ја зел во предвид одредбата од чл.338 од ЗТД, според која правата од сопствените акции мируваат, па следствено на тоа неможат да се вложуваат.

Пријавениот Директор на Централен депозитар за хартии од вредност на 18.01.2007 година, постапувајки по предметот „Барање за пренос на обични акции издадени од Макпетрол АД Скопје“, иако знаел или требало да знае дека наведениот правен основ и доставена документација во применото барање не претставува законски правен основ за вршење на нетрговски пренос,  издал усен налог на лице распоредено на работно место „оператор на сметка“, да го спроведе предметното барање како нетрговски пренос., по што предметот бил заведен во Деловодникоткако завршен. Истиот не поднел Извешатај до комисијата за хартии од вредност за новоиздадените хартии од вредност и за вкупниот износ на извршен пренос на сопственоста на хартиите од вредност, пришто овозможил да биде извршен пренос на сопственоста на акциите издадени од Макпетрол кои биле вложени во основачкиот влог на ОИЛКО и тоа од сметките на 57 физички лица и сметката на правното лице Макпетрол, на сметката на ОИЛКО како нов акционер во Макпетрол, и погрешно и неправилно ја известил КХВ за работењето на ЦДХВ.

Пријавената претседателка на комисијата за хартии од вредност не превзела мерки и активности кои се во нејзина надлежност за спречување на незаконскиот пренос на обичните акции издадени од Макпетрол АД.

По формирањето на Оилко, меѓу фирмата „мајка“ “Макпетрол“ и фирмата ќерка „Оилко“ се склучени поголем број договори од кои според годишните биласни, целиот профит оди на страната на Оилко, додека Макпетрол бележи загуби. Имено, при извршената анализа утврдено е дека во периодот од 2002 до 2007 година Макпетрол АД, Скопје работи со добивка и oстварило нето добивка во вкупен износ од 1.128.185.175 денари, а пак за период од 2007 до 2014 година Макпетрол АД-Скопје остварува нето загуба во вкупен износ од 446.626.307 денари. ОИЛКО КДА-Скопје, во овој период работи со добивка и остварува нето добивка во вкупен износ од 230.408.250 денари што претставува сомнеж дека средствата од Макпетрол АД-Скопје се слеваат на сметка на ОИЛКО КДА-Скопје.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1