Објавувањето на новите прислушувани разговори ќе биде предмет на истрага која што ќе ја водат Министерството за внатрешни работи во координација со Јавниот обвинител, велат од МВР за „Фокус“.
„Согласно надлежностите започната е истрага во врска со објавените телефонски разговори. За текот на истрагата јавноста дополнително ќе биде информирана“, велат од МВР.
Вчера се појавија 4 нови бомби, а денеска повторни две на мрежата „Vk.com“ под хаштагот „Чичо“ и „Македонија”, „Стојменов и Јово превара” и „Комитети”.
Главни актери во нив се Емил Стојменов и Мартин Протуѓер кои зборуваат за Јово Вангеловски и Горан Трајковски.
Во Комитети темата е дека некој од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дал насоки да не се излегува на протест пред Собрание.
Вчера пак во бомбите се слушна гласот на Бранко Црвенковски како разговара со соговорничка за извесен „Дамјан на Рада“. Насловот на аудиото е „Црвенковски ги објаснува ГРЧКИТЕ фирми на Манчевски“.
Во друг разговор се слушаат гласовите, за кои што пишува дека се на професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски и политичкиот аналитичар, Алберт Муслиу, како разговараат за процесот за лустрација.
Третиот разговор носи наслов „Кочо и Саше проблем за ЕЛЕМ и државата“.