Мапата на светот може доста да се смени во следните години. Кај некои држави од безбедносни и политички причини, додека некои земји можат да се соочат со климатски промени, пишува Ал џезира.
Иако малку кој веруваше, три комплексни сојузни дрѓави во Европа се распаднаа кон крајот на 20 век. Чехословачка се разиде мирно, па беа создадени Чешка и Словачка, Советскиот Сојуз се расформира повеќе или помалку мирно и се создадоа 15 нови држави, но Југославија не се растури мирно, а осамостојувањето на новите државни единици траеше долго, повеќе од една деценија.
Минатиот век беше обележан со распаѓањето и содавањето нови држави, а некои истражувања на американските медиуми покажуваат дека и овој век може да биде сличен. Прогнозираат крај на Велика Британија, Канада, Јужен Судан, Тајван, Северна Кореја, а на таа листа според ова што се случува може да се придружат и Сирија, Ирак, Либија, а можеби и Сомалија и Украина.
Што е потребно за држава да престане да постои во политичка смисла објаснува поранешниот хрватски амбасадор во Русија, а денес предавач на Високата школа за меѓународни односи и дипломатија Даг Хамархолд Божо Ковачевиќ.
Несогласувањата можат да доведат до поделби на држави
„Условите кои мора да се исполнат се слабеење или распад на централните власти, тежнеење на национално освестени делови од населението кое живеат на компактна територија да се избори за самостојност и активна помош од надворешни сили, односно непријател на земјата која се распаѓа“, вели Ковачевиќ.
„Несогласувањата во етнички и верски шарените општества можат да доведат до поделба на државата поради тоа што еден народ често смета дека е дискриминиран, дека премногу ѝ дава на заедницата или ако едноставно сака сопствена држава. Затоа се распадна СФРЈ“, објаснува новинарката на Политика Јелена Стевановиќ.
Дека границите на државите и во овој век ќе се прекројуваат многумина не прогнозираа, но веќе подолго се зборува за одвојување на Каталонија, за расцепување на белгија, но нештата во политичка смисла се покомплицирани.
„Можеби Каталонија може да се одвои од Шпанија или Шкотска од Британија, но изразените тежнеења за одвојување никако не значат дека тоа сигурно ќе се преточи во државотворност бидејќи гледаме дека шкотскиот референдум пропадна, како и дека каталонските сепаратисти не успеваат да прогласат отцепување“, истакнува Стевановиќ.
„Во демократските држави слободно изразената воља на граѓаните (кои како освестена нација сакаат да се осамостојат) би требало да биде клучна. Тоа може да се однесува на Белгија, Велика Британија, Канада, Шпанија“, додава Ковачевиќ.
Сосема е поинаква приказната, според него, кога станува збор за некои земји од Блискиот Исток или северот на Африка, Украина, или Русија за која смета дека е во голема опасност од нови поделби.
„Сирија, Ирак и Либија се распаѓаат под влијание на надворешни фактори и тие, најверојатно, ќе бидат клучни во дефинирањето на нивните граници или политичкото уредување. За Русија и Украина пресудна ќе биде способноста на централните власти да ја задржат контролата врз целата територија. Постојат значителни центрифугални сили условени од економската нееднаквост, етничкиот и/или верскиот состав на населението и силните интереси на трети земји на тие територии да биде воспоставен поинаков облик на власт“, објаснува Ковачевиќ.
Стевановиќ, пак, верува дека „секогаш е можно да се прекројуваат границите на некоја земја и насилно да ѝ се одземе дел од територијата, за таа да се казни и да се научи на послушност, како што ѝ беше направено на Србија со Косово“. Смета и дека Сирија и Ирак едноставно не функционираат како држави, поради што е можно нивните граници да се сменат.
Го чека ли светот нов век на војни?
Процесите на дезинтеграции на државите и создавање нови во Европа, со оглед на демократскиот карактер на земјите, би требало да бидат спроведени мирно и врз основа на некаков политички договор. Што се однесува до останатите, војните не се исклучени, а некаде веќе се водат, како што тоа се Украина и Блискиот Исток“, вели Ковачевиќ.
Покрај наведените, тој ги истакнува и Србија и Македонија како потенцијални кризни жаришта, односно земји во кои би можеле да се случат промени. Предупредува сепак дека „на Балканот не може со сигурност да се предвиди судбината на тамошните земји“.
„Верувам дека интеграцијата во Европската Унија, ако ЕУ опстане, би била корисна за намалување на центрифугалните сили и за посегнување по демократски решенија“, заклучува Ковачевиќ.