Во Приштина се појавија летоци кои што го обвинуваат Косовскиот премиер за лошата приватизација во земјата.
Како што пренесуваат тамошните интернет портали, летоците се поставени на видливи места и на нив пишува дека полицијата на Косово, добила налог за апсење на премиерот и тројца негови соработници, затоа што постои основа за сомневање дека делувале во спротивност со интересите на граѓаните на Република Косово.
Обвинети се за уништување и продажба на јавни добра како Поштата и Телекомот на Косово.
Стопанската комара на Србија тврди дека сопственоста на имотот на Косово и Метохија, на која што Србија полага право, вреди повеќе од 200 милијарди долари, а косовските власти го распродаваат јавното добро буквално од ракав.
Во јавноста излегоа обвинувања дека голем број на американски дипломати кои се залагаат за независност на Косово си добиле дел колачот. Се наведува дека Медлин Олбрајт и нејзината компанија, „Олбрајт груп“, веќе стои зад една од водечките оператори на територијата Косово „Ipko neta“, а сега сака да ја купи и поштата и телекомуникациите на Косово.
И покрај тоа што досега никој не превзема одговорност за овие летоци, според содржината, начинот на изразување и аргументите кои се напишани на истото, се посочува дека ова е дело на „Самоопределените“, кои и порано правеле вакви слични акции.