Еден милион долари понудил еден арапски шеик за автомобилот на уругвајскиот претседател Хозе Мухика.
Мухика вози сина „буба“ од 1987 година. Според уругвајскиот неделник „Бускеда“ понудата била изнесена на Самитот Г77 плус Кина, кој се одржа на почетокот од година во Санта Круз, Боливија.
Претседателот на Уругвај потврди дека му понудиле еден милион долари за неговиот автомобил.
– Бев малку изненаден. На почетокот не обрнував посебно внимание, но подоцна добив уште една понуда, па почнав сериозно да размислувам за тоа, истакна Мухика, додавајќи дека ако го продаде автомобилот, парите ќе бидат искористени во рамките на владината програма „План хунтос“ за изградба на станови за сиромашните.
Поранешниот левичар и герилец, Мухика е познат по својот скромен начин на живот. Тој од својата плата, која изнесува 12.500 долари за себе задржува 1.250 долари, а другите пари ги дава за добротворни цели.
„Бускеда“ наведува дека во септември минатата година амбасадорот на Мексико, Фелипе Енрикес за „бубата“ на Мухика понудил десет теренски возила.
Мухика е познат и по тоа што ја легализира марихуаната, абортусот и хомосексуалните бракови.