Заменикот министер за здравство Гоце Чакаровски од неодамна бил назначен за национален советник на министерот за гинекологија, дознава Сител. Од неговиот кабинет ниту негираат, ниту потврдуваат. Интересно е што неговото име го нема на листата која минатата недела излезе во јавност.
Набргу потоа сеуште актуелниот прв човек на здравството Арбен Таравари и државниот секретар Владимир Милошев се повлекоа од овој ангажман. Нејасно е зошто на списокот, освен за гинекологија не се ставени и имиња на советниците од други специјалности кои за тоа би добивале месечен надоместок од 200 евра.
Чакаровски е гинеколог и неговата стручност не е спорна, но останува отворено прашањето што советува и кои итни мерки ќе ги наложи за да се намали смртноста на предвремено родените бебиња во Македонија. Во меѓувреме состојбата во родилиштата низ државата, а посебно на скопска гинекологија станува уште поалармантна. Ако лани на Клиниката имало околу 170 починати бебиња, годинава само до август бројката надмина 100 смртни случаи.
И самите вработени во најголемото родилиште јавно проговорија за причините за зголемената смртност на новороденчињата.
-Дали недостигот на кадар, опрема и несоодветните услови се причина за зголемената смртност- Да, да, потврди на прашањето на Сител д-р Ѓорѓи Филев, педијатар на Клиниката за Гинекологија.
Но, од друга страна за четирите починати бебиња кои пред 12 дена починаа во една смена на интензивна нега на Гинекологија и за тројката кон крајот на август комисиите кои ги формираше министерството за здравство не најдоа лекарска грешка.
Комисија ќе ја испитува и смртта на 30 годишната родилка во петокот ноќта во Клиничката болница во Тетово.
Sitel.mk