Фондацијата Ворлд прес фото (World Press Photo), која ја доделува најпрестижната награда за фотографија на годината, најавила дека ќе ја ревидира својата минатогодишна одлука за доделување на оваа награда, по драматичните тврдења дека победничката фотографија е измама. Технолошкиот сајт Екстримтек (extremetech.com) тврди дека форензичката анализа открила дека фотографијата е монтирана и дека претставува спој од неколку фотографии.
Добитникот на наградата, фотографот Пол Хансен, кој признанието го освоил со својата снимка на ожалостени Палестинци кои ги носат телата на две деца загинати во израелски ракетен напад на Газа, ја брани автентичноста на своето дело.
Хансен, кој работи за шведскиот весник Дагенс Нихетер, тврди дека не правел ништо недозволено, односно дека само со помош на постпродукциски техники се обидел да ја „тонира и врамнотежи нерамномерната светлина во тесниот премин“ во кој била снимена фотографијата.
Спорот предизвикал толкава тревога меѓу оние кои се занимаваат со фотографија, што Фондацијата била принудена да објави дека победничката фотографија ќе ја подвргне на проверка, при што од двајца независни експерти било побарано да спроведат детална анализа на спорниот фотографски документ.
Што се однесува на мислењето на колегите фотографи, едни веруваат дека Хансен претерал во доработката на фотографијата која првично ја објавил во својот весник, односно дека наградената фотографија значително се разликува од оригиналот и личи на илустрација, додека други тврдат дека тој е само жртвено јагне на постпродукциските техники, кои врвните фотографи во денешно време на големо ги користат.
Едријан Еванс, директор на агенцијата Панос и поранешен член на жирито, кажал дека е сигурен дека фотографијата на Хансен не е лажна.
„Можеме да дебатираме за естетиката, но не и за вистинитоста на она што го гледаме на фотографијата“, кажал Еванс.