Топлиот пролетен ден, што ги натерал луѓето да излезат од домовите на пазар или на нивите и куќите градени главно со дрво го спасиле Пехчево од многу жртви во катаклизмичкиот земјотрес што се случил пред точно 110 години на 4 април 1904 година (несекојдневно совпаѓање – 4.4.1904). За земјотресот со епицентар во Малешевијата, меѓу Пехчево и Kресна, која сега е на бугарска територија, денес се знае многу малку. Имал интензитет од 10 степени по Меркалиевата скала и магнитуда од 7,8 по Рихтер, со што се води како најсилен регистриран земјотрес на Балканот и еден од најсилните, според многумина и најсилен, во Европа откако се вршат мерења, некаде од 19 век, па наваму.
Силниот потрес целосно ги срамнил со земја многубројните високи оградни ѕидови од камен на дворовите и авлиите. Повеќе од еден месец пехчевци живееле и ноќевале во дворовите и авлиите под отворено небо. Во куќите не влегувал никој зашто, по големиот од 4 април, имало многу помали потреси.
– Градот имал 1.200 куќи, и над 4.000 жители а и бил многу напреден – Всушност, по големиот подем, стагнацијата на Пехчево почнува од земјотресот, а продолжува и по Младотурската револуција од 1908
Земјотресот силно бил почувствуван и во околните градови, како Берово, Царево Село (Делчево), Симитли, а паднати објекти имало и во Виничко, Kочанско… Со слични последици како Пехчево поминале и пехчевските села.
Д-р Тодор Делипетров, раководител на катедрата за геологија и геофизика на Факултетот за природни и технички науки во Штип, вели дека земјотресот од 1904 година со епицентар кај Пехчево и Kресна го стресол целиот Балкан, а го регистрирале инструментите во целиот свет. Според силината, може да се споредува со тие во Јапонија или во Тајван, а бил повеќепати посилен од скопскиот во 1963.
– Во Македонија имало големи земјотреси и пред 500, 1.000 години, но каков бил нивниот интензитет можеме само да претпоставуваме. За овој во Малеш се знае, бил најсилен во Европа откако има современи мерења. Ако сега се случи таков земјотрес, ќе има, и покрај целата асеизмичка градба, многу разурнувања и жртви – истакнува Делипетров.