Забележано е подобрување на здравствената состојба кај 14-годишното девојче кое се здоби со најтешки телесни повреди во сообраќајната несреќа со трактор на 1 мај во Кочани.
За ова информираше проф.д-р Зорка Николова од Одделот за интензивно лекување (КАРИЛ).
Како што рече таа, кај девојчето е забележано подобрување на состојбата, почнала да дише самостојно и не е зависно од апарати.
– Има еден позитивен момент, што таа веќе дише сама. Излезена е од потребата за дишење преку машина, но за понатамошното лекување треба да бидеме внимателни бидејќи сеуште постојат проблеми, последици од повредата на мозокот. Ќе бидеме многу внимателни во понатамошниот третман, имаме голема надеж дека ќе биде лекувањето по нашите посакувани патеки, изјави Николовска.
Николова одговарајќи на новинарско прашање рече дека девојчето не е оперирано во меѓувреме и оти лекувањето течело конзервативно преку вип третман (вентилација, инфузија за одржување на циркулацијата). Во однос на повредите на градниот кош, Николовска истакна дека во однос на тие повреди немало никакви компликации во текот на лекувањето.
По несреќата што се случи на први мај годинава во кочанско во Ургентниот центар беа примени 11 деца. Пет деца се лекуваа на Клиниката за неврохирургија, од кои две беа во потешка состојба и беа на одделот за интензивно лекување на оваа клиника, а три беа на одделение.
Николовска рече дека сите други деца веќе се пуштени на домашно лекување, освен девојчето кое што се наоѓаше на пластична хирургија, а за кое таа информираше дека ќе биде пуштено на домашно лекување за неколку дена.
Kurir.mk