Сириската опозиција објави информации според кои на 16 деца, кои починале по кампањата за вакцинација против сипаници, всушност им бил даден анестетик наместо вакцина.
„Извештаите укажуваат на човечка грешка која довела до тоа наместо вакцина да се користи анестетикот атракуриум“, рекол лидерот на опозицијата Ахмад Тохме.
На децата им била дадена доза од пет милиграми, што е повеќе од доволно целосно да парализира дете кое тежи помалку од 10 килограми. Формирано е и тело кое се обидува да спроведе истрага и да дојде до повеќе информации.
Сириските организации за мониторирање на состојбите со човековите права ја објавија смртта на 16 деца, кај кои првите симптоми се појавиле половина час по имунизацијата – алергиски реакции, дијареа и тешкотии во дишењето. Слични симптоми наводно покажуваат уште 100-тина деца.