Нападната полицајка Јасмина Јаначковска за „Макфакс“ објаснува дека непотребно се кренала врева за целиот случај со нападот од функционерот на ДУИ, Бекир Асани. Таа тврди дека немало физички контакт во ниту еден момент.
„Постои видеодокументација од надзорните камери, се гледа целиот настан. Не можам да го лажам министерот за внатрешни работи затоа што тогаш би подлежела и под кривична одговрност. Однесувањето на лицето беше премногу вулгарно и доколку имало напад, никогаш не би го толерирала, без разлика што би се случило понатаму. Не знаев кој беше човекот, но не ме ни интересира. Немав физички контакт со него, а од кафеана излегоа пријатели што го тргаа настрана и му викаа: „Немој, не тепај ја“. Во тој момент ја зедов радиоврската и повикав засилување со цел да превенирам да не дојде до такво нешто. Кога се свртев, раката ја удрив од пајак-возилото. Немав сериозни повреди, само се удрив од возилото“, вели полицајката Јаначковска, водич на безбедносен реон, за „Макфакс“.
Полицајката вели дека била во болница, но тоа било превентивно бидејќи осетила болка од ударот, а лекарите утврдиле дека нема никакви повреди.
Утрово по покана од министерот за внатрешни работи, Јаначковска го раскажала случајот и лично му објаснила дека не е повредена, туку сама се удрила.