Настаните на отворено ќе се одржуваат со 50 проценти од капацитетот


Настаните на отворено да се организираат со 50 проценти од капацитетот на просторот и со ограничен број посетители до максимум 1.000, додека настаните на затворено со 30 проценти од капацитетот на местото и исто така, максимум 1.000 посетители, одлучи Владата.

Според одлуката донесена денеска врз основа на општите препораки на Комисијата за заразни болести, задолжителна е дезинфекција на раце при влез на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација за целото времетраење на настанот. Обврзни се и засилени санитарно-хигиенски мерки, редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење со употреба на средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 проценти натриум хипохлорит (5 проценти белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) за подот или 70 проценти алкохол за дезинфекција за горните површини, стои во владината одлука.

При организирањето на настаните потребно е поставување на јасно видливи места едукативно-информативен материјал за почитување на општите превентивни мерки, носење заштитни маски, одржување физичка дистанца, редовно/често дезинфицирање на рацете и правилна респираторна хигиена. Задолжително е и присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки: на влезот и во просторот каде се одржува настанот.

Воедно се препорачува електронска продажба на билети, но доколку е потребно да има билетарница растојанието за чекање од 1,5 до 2 метра треба да е обележано. Мора да има растојание или заштитна бариера и меѓу вработениот и посетителот.

-Врз основа на горенаведените општи препораки, секој организатор на настан треба да изготви протокол за реализација на планираниот настан кој ќе го објави јавно со цел навремено информирање на посетителите и учесниците во настанот за правилно следење на протоколот, наведува владината прес-служба.

Со дадените препораки не се опфатени приватните веселби.

Владата на денешната седница одлучи и сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост и другите државни институции од извршната власт, за 50 проценти да го намалат надоместот при склучување договор за користење објект или простор за организирање и одржување наменски културен, забавен или спортски настан во услови на пандемија поради мерките и препораките. Ова им се препорачува и на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа.

Општите препораки за организирање настани што ги налага Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство врз основа на кои се донесени овие владини одлуки се: задолжително носење лична заштитна опрема на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, како и одржување физичка дистанца на публиката на настанот со обележани места за седење на дистанца од 1,5 до два метра. Притоа, не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката. Задолжителното одржување физичка дистанца од два метра се однесува и на сите членови на тимовите задолжени за организација. Според препораките, ограничен е капацитетот на посетители.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1