Северноатлантскиот совет во рок од 2 недели 2 пати одржува консултации по Член 4 од Договорот за НАТО. Претходно одржа консултации по нарушување на полскиот воздушен простор од страна на беспилотни летала. Според Алијансата, регистрирани се нарушувања и на воздушниот простор на Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Норвешка и на Романија, што, според сојузниците, „укажува на шема на провокативни и ризични дејствија“.
НАТО најави дека ќе ги зајакне капацитетите за одвраќање и за одбрана, вклучително и ефикасни противвоздушни мерки и дека ќе ги користи сите расположливи воени и невоени инструменти во согласност со меѓународното право, за да го заштити територијалниот интегритет на своите членки.
Северноатлантската алијанса истакна дека ваквите прелети ја деградираат безбедносната состојба во регионот и ја тестираат подготвеноста на најблиските земји-членки. НАТО соопшти дека ќе продолжи да реагира „на начин и во време што самите ќе го одбереме“ и дека гаранцијата за колективна одбрана според Член 5 е несомнена.
Алијансата, исто така, соопшти дека нема да дозволи вакви и слични неодговорни потези на Русија да ја одвлечат од нивната трајна посветеност на поддршката на Украина.
„Безбедноста на Украина придонесува за нашата безбедност, а Украина има вродено право на самоодбрана од бруталната и неиспровоцирана војна на агресија што ја води Русија“, се посочува во соопштението на НАТО.










