Мобилните и кабелските оператори, банките, институциите компаниите со кои се склучува договор за некаква услуга веќе нема да смеат да бараат фотокопија од лична карта при поднесување некои документи, барања, жалби, ниту да ја задржуваат при влез во некоја институција, зошто ќе бидат казнети, пишува Дневник.
Ова е предвидено во измените на Законот за личните карти, кој е влезен во собраниска процедура, а во кој се предвидени и ригорозни казни за прекршителите. Ова се прави по барање на Дирекцијата за заштита на личните податоци
Со измените на законот се вели дека на барање на сопственикот на личната карта, контролорот, односно обработувачот е должен да издаде потврда за направената копија на личната карта во која задолжително се наведува целта за која е направена копијата и рокот на нејзиното чување. Во него се утврдува и забрана за обработување и чување копија на лична карта во електронска форма, освен ако со закон не е поинаку утврдено, како и дека за фотокопија треба да се бара согласност од сопственикот.
Во измените се предвидени казни од 250 до 2.000 евра. За задржувањето на личната карта глобата изнесува 1.000 евра, а се казнува и одговорното лице во фирми или службено лице во органите на државната власт со глоба од 350 евра, додека глобата за контролорот-физичко лице изнесува 250 евра.