Операторот е должен на својата веб страна да ги објави, а во своите продажни места да ги направи јавно достапни, податоците во врска со стандардните тарифи, посочувајќи ги услугите кои се обезбедуваат и содржината на секој тарифен елемент (на пример цена за пристап, цени за сите видови на услуги и цена за одржување), вклучувајќи детали за стандардните попусти кои се применуваат, како и специјални и таргетни тарифни шеми кои ги применуваат, како и сите дополнителни трошоци кои би можеле да ги наплатат, вклучително и трошоци кои се однесуваат на терминалната опрема.
Претплатничките договори не треба да содржат нечесни услови, односно одредби со кои се предизвикува значителна нерамнотежа во правата и обврските на договорните страни, на штета на претплатниците. Како нечесни одредби се сметаат, но не се ограничуваат на:
– можност zа наплата на повторно приклучување во случај кога до исклучување дошло по вина на операторот и/или давателот на услуги,
– можност за привремен прекин во обезбедувањето на услугите или раскинување на претплатничкиот договор, доколку претплатникот сторил повреда на одредбите на некој друг договор склучен со истиот оператор и/или давател на услуги, и
– можност за одбегнување или ограничување за исполнување на договорните услуги, на штета на претплатникот; и
– можност за наплата на услуги, кои не се искористени од страна на претплатникот, а се однесуваат на месечните надоместоци за услугите, кои претплатникот нема да ги користи заради раскинување на претплатничкиот договор.
Операторот може да ги менува условите утврдени со претплатничкиот договор по претходно известување на претплатникот. Во ваква ситуација операторот треба да го извести претплатникот во рок кој не може да биде пократок од 30 дена пред воведувањето на измените. Известувањето треба да ги содржи сите предложени измени во условите наведени во претплатничкиот договор, како и правото на претплатникот дека во истиот период, односно во рокот кој не може да биде пократок од 30 дена од денот на известувањето, без последици да може да го раскине претплатничкиот договор, доколку не се согласува со предложените измени.
Право за враќање на парични средства
Операторот е должен да ги врати паричните средства на претплатниците во следните случаи:
– во случај на привремен прекин на претплатничката линија од сообраќај поради пречки на линијата, операторот врши враќање на паричните средства во делот на претплатата и надоместоците за дополнителните услуги (доколку претплатникот ги има намирено своите долгови) за износ пропорционален на деновите кога линијата не била во функција, доколку прекинот трае подолго од 48 часа. Износот ќе биде одбиен во наредната сметка на сите претплатници кај кои постоел прекин, без тоа да биде побарано од страна на претплатниците за фиксна комуникациска мрежа, а по основано барање на претплатниците за мобилна комуникациска мрежа.
– во други случаи на основан приговор од страна на претплатникот за утврдена неточна обработка на податоци што доведува до зголемување на износот за користени комуникациски услуги, доколку ги има намирено своите долгови, во висина на погрешното задолжување со вкалкулирана законска казнена камата,
– во случај на престанок на обезбедувањето на јавната комуникациска услуга не по вина на претплатникот, или во случај кога претплатникот го откажува натамошното користење на комуникациската услуга, операторот ќе изврши враќање на остатокот од паричните средства што биле депонирани однапред како аванс, месечната претплата, надоместокот за користење на дополнителните услуги, по подмирување на вкупниот долг на претплатникот.
Како поважни обврски на операторите се:
– да обезбеди квалитет на комуникациските услуги, определен со претплатничкиот договор;
– да обезбеди непрекинато користење на услугите;
– да изготвува детална сметка за користењето на услугите и да ја достави до претплатниците;
– да го ослободи претплатникот од плаќање на дел од месечната претплата и надоместоците за користење на дополнителни услуги во случај на привремен прекин на пристапот и/или обезбедувањето на јавните комуникациски услуги кој настанал не по вина на претплатникот, за износ пропорционален на времетраењето на прекинот;
– да не го ограничи пристапот до неговите услуги и/или да го исклучи претплатникот и да не го раскине претплатничкиот договор, доколку претплатникот поднесе писмен приговор во врска со износот на сметката, се до донесувањето на конечна одлука;
– да обезбеди одржување на мрежата и опремата на начин кој овозможува непрекинато обезбедување на услуги;
– да обезбеди согласност од претплатникот за добивање на информации со кои се врши директен маркетинг, а со користење на автоматски системи за повикување на телефонски броеви и/или испраќање на SMS/MMS пораки без човечка интервенција;
– да обезбеди привремен прекин на комуникациските услуги (мирување) на барање на претплатник;
– да овозможи пренос на правото на користење на комуникациските услуги на друго лице на барање на претплатник.
Права на претплатникот
Претплатникот има право:
– да ги добива непречено, ефикасно и редовно на користење сите јавни комуникациски услуги што можат да бидат користени на неговата терминална опрема што се соодветни на технолошкиот развој на капацитетите на операторот и/или давателот на услуги;
– да бара привремен прекин на обезбедување на комуникациските услуги (мирување) на начин и постапка утврдена од страна на операторот и/или давателот на услуги;
– да го пренесе правото на користење на друго лице што сам ќе го одреди на начин и постапка утврдена од страна на операторот и/или давателот на услуги, доколку тоа лице ги исполнува условите за користење;
– да го задржи истиот повикувачки претплатнички број при промена на оператор и/илидавател на услуга и/или мрежна завршна точка во исто географско нумерациско подрачје (географска преносливост) на начин и постапка утврдена во Правилникот за преносливост на броеви;
– право на достапност до службата за грижа на корисници за било каков проблем или информација во врска со користењето на услугите;
– да бара и да добие транспарентна, споредлива, целосна и ажурирана информација која се однесува на услугите што ги овозможува операторот и/или давателот на услуги, како и за цените и тарифите за користење на истите;
– по претходно доставено барање до операторот и/или давателот на услуги без надомест, да избере кои лични податоци нема да бидат достапни за јавноста;
– да поднесе приговор против одлуките или активностите на операторот и/или давателот на услуга во врска со пристапот до или обезбедувањето на услугите;
Право на приговор
Претплатникот има право на приговор против одлуките или активностите на операторот и/или давателот на услуги во врска со пристапот до или обезбедување на услуги. Приговорот се поднесува во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, односно од започнување на активностите кои се предмет на приговорот.
Во случај на поднесен приговор во врска со износот на сметката, се до донесувањето на конечна одлука, претплатникот е должен да го плати само износот на месечната претлата до датумот наведен во сметката во било кое продажно место на операторот.
Операторот и/или давателот на услуги по поднесениот приговор треба да одлучи во рок од 15 дена од денот на приемот на приговорот и за тоа писмено да го извести претплатникот. Известувањето треба да содржи детално образложение за причините за одбивање, односно прифаќање на приговорот, како и упатство за правото на претплатникот да поднесе барање за заштита на своето право до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Доколку претплатникот не е задоволен од донесената одлука по приговорот има право во рок од 15 дена од денот на приемот на истата да побара заштита на своето право пред Агенцијата. Ако се случи операторот и/или давателот на услуги да не постапи по приговорот во рокот од 15 дена, претплатникот има право да побара заштита на своето право пред Агенцијата во рок од 35 дена од денот на поднесувањето на приговорот до операторот и/или давателот на услуги.
Агенцијата, одлучува по приговорот од претплатникот во рок од 42 дена од денот на приемот.
Раскинување на договорот
Прeтплатникот може да го раскине претплатничкиот договор со операторот лично со поднесување на писмено барање на образец пропишан од страна на операторот, а објавен во неговите општи услови за пристап и користење на комуникациските услуги и во рок определен во претплатничкиот договор, при што треба да ги намири сите доспеани обврски кон операторот, или со поднесување на барање за пренесување на број кај друг оператор на начин определен во Правилникот за преносливост на броеви.
Претплатникот и по раскинувањето на претплатничкиот договор ќе биде одговорен за плаќање на сите трошоци кои биле направени од негова страна, а кои евентуално се фактурирани со задоцнување или се фактурирани, а не се платени од страна на претплатникот.
Извор: ПРАВДИКО