Согласно најавата од метео-алармот на Управата за хидро-метеоролошки работи, се очекува денес и утре целата територија на државата да биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза, односно температури повисоки од вообичаените за овој период од годината.
Граѓаните од целата држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се:
– Престој во затворени (климатизирани) простории, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
– Носење светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа, додека при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
– Внесување помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
– Внесување големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
– Одреден период пред влегување во возило, истото да се проветри.
– Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени).
Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не сетермички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Потсетуваме дека во текот на летниот период, во сите градови низ државата во соработка со здравствените домови се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.
Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk.