Поради голем дефект на главниот цевковод по кој доаѓа вода за пиење од регионалниот водовод Лукар до Неготино, неготинчани денеска ќе бидат без вода до околу 17 часот, информираше неготинското јавно претпријатие „Комуналец“.
Сериозниот дефект е на разделната шахта од кавадаречкото село Ваташа до Неготино. Стручни тимови веќе работат на терен со цел отстранување на дефектот во најбрз можен рок. По неговото санирање, водата повторно ќе протече во чешмите на неготинските корисници и ќе се стабилизира водоснабдувањето во градот.
Веќе неколку децении Неготино со вода за пиење се снабдува од регионалниот водовод Лукар, која се носи педесетина километри од подножјето на планината Кожуф.