Десет лица се здобиле со тешки, а десет други со лесни телесни повреди во сообраќајната незгода што денес во 06 часот и 45 минути се случи на регионалниот пат Кичево-Осломеј во близина на селото Мамудовци.
Во тешката сообраќајна незгода учествувале мини бус марка „Мерцедес“ и комбе марка „Фолксваген“ кои по регионалниот пат се движеле од Кичево кон Осломеј, како и едно товарно возило марка „Форд“ што сообраќало од спротивниот правец.
Сообраќајната незгода се случила во момент кога мини бусот „Мерцедес“ кој превезувал 18 патници-работници во РЕК „Осломеј“ започнал да врши претекнување на комбе марка „Фолксваген“, а од спротивната коловозна лента наишло товарното возило марка „Форд“.
Притоа се случил удар на страничните леви страни од мини бусот „Мерцедес“ и товарното возило „Форд“ по што мини бусот удрил и во предното лево крило од комбето Фолксваген“. Овие две возила излетале надвор од коловозните ленти при што мини бусот „Мерцедес“ удрил и во бетонски sид. Товарното возило марка „Форд“ останало на десната коловозна лента во правецот на движење.
Со две медицински возила, повредените се пренесени во општата болница во Кичево, а потоа и во болниците во Охрид и Скопје. На лице место извршен е увид во присуство на јавен обвинител, како и полициски екипи од полициската станица во Кичево. За време на увидот, сообраќајот на регионалниот пат не беше во застој, односно се вршеше наизменично пропуштање на моторните возила.