Томаш Коменда, погрешно осуден за силување и убиство на 15-годишно девојче на југозападот на Полска во 1997 година, ослободен е по 18 години поминати во затвор, откако родителите на убиената тинејџерка покренале кампања за негово ослободување.
Полскиот суд заклучил дека Коменда не можел да биде одговорен за тоа злосторство, кое ја шокира јавноста.
– Последните 18 години се прашувам што погрешно направив за мојот живот да се претвори во пекол – изјавил Коменда, додавајќи дека го третирале како ѓубре.
Коменда истакнал дека сега оди на психолошки терапии, пренесува Мирор.
Родителите на убиеното девојче изјавиле дека се посомневале во вината на Коменда и побарале од власта да го преиспита случајот. Ослободителната одлука на судот се засновала на ДНК доказот претставен во текот на оригиналното судење во 2004 година, за кој подоцна се покажало дека не е сигурен. Коменда е ослободен благодарение на новите напредни форензички техники.
Претресот на случајот, исто така открил гршка во собирањето на докази, но и на сведоштвото на Коменда. Тој рекол дека го тепале во текот на испитувањето, и тоа толку многу што би „признал и убиство на папа“, ако тоа го барале од него. Неговиот адвокат веќе најави дека Коменда ќе бара 2 милиони фунти отштета за пресудата и за годините поминати во затвор, ренесува Блиц.рс.
Министерот за правда Збигњев Зиобро, кој лично наредил повторно разгледување на случајот, изјавил дека ослободувањето на Коменда покажува дека грешките на правосудниот систем можат да се поправат.
– Никој не може на Томаш Коменда да му ги врати изгубените години, но ослободувањето, сепак го враќа чувството на достоинство на невиниот човек кој е погрешно осуден – рекол Зиобро.