Никола Тодоров лета за Куба – ќе учи за здравствените реформи на Фидел


Никола Тодоров ќе биде првиот македонски министер што наскоро ќе оствари посета на Куба во официјално својство – најави денеска амбасадорката на оваа земја, Тересита Капоте Камачо, која престојуваше во МНР во проштална посета, бидејќи и’ завршува мандатот, пренесе Утрински весник.

Македонија и Куба имаат воспоставено дипломатски односи од мај 2000 година, но дури од 2010 година Куба именувала амбасадор за нашата земја, кој ја покрива од Софија. Според амбасадорката, иницијативата за посетата дошла од нашиот министер, кој се интересирал за постигнувањата на Куба во здравството, со кои, како што рече таа, се гордеат многу во нејзината земја.

fidel todorov

„Лекуваме болести што не се лекуваат никаде во светот, како псоријаза и витилиго. Имаме 88.000 лекари во моментов, или по еден на 159 жители. Од 1961 година испративме како солидарна помош 836.000 лекари во 167 земји во светот, а само од 1990 година обучивме над 15.000 странски лекари во Куба, вклучувајќи и Американци од сиромашни семејства“, изјави таа, објавувајќи дека имаат најмала смртност на новородени деца во светот, многу помала од САД и од Канада.

Дека соработката меѓу Куба и Македонија е новост потврди и таа, лоцирајќи го интересот пред се’ во здравството и туризмот, со забелешка дека за нашите граѓани не е потребна виза за оваа земја.

„Можам да зборувам како Фидел Кастро шест часа“, порача таа, дополнувајќи дека како земја одат напред, никогаш назад. „И кога се распадна социјалистичкиот блок ние не се откажавме од социјализмот. Правиме промени, но не се откажуваме од него, туку го усовршуваме“, извести таа посочувајќи дека дел од тие промени е борбата против бирократијата во земјата, бидејќи на позиција за која е доволен еден човек досега имало десетмина. Дека кубанскиот политички избор не бил лесен таа илустрираше со фактот дека по распаѓањето на источниот блок загубиле 85 од главните партнери, а БОП им паднал за 36 отсто.

„Немавме струја 24 часа, немавме бензин за автобусите“, посочи таа, додавајќи дека сега поседуваат една третина од потенцијалните нафтени наоѓалишта во Мексикански Залив. Венецуела, Кина, Франција, Шпанија, Виетнам и Русија се земјите со кои имаат најголема соработка, и кои градат и инвестираат во Куба, каде што правото да се купи и продаде имот ако си странец сепак не е дозволена категорија, бидејќи земјата можат само да ја користат.

„Русија ќе ни прости 95 отсто од долгот и место 35 милијарди долари ќе вратиме само три милијарди, а и тие ќе бидат инвестирани во Куба“, најави таа додавајќи дека имаат околу три милиони странски туристи годишно исто така, а милион од нив се само од Канада. Оптимистички најавувајќи дека ќе се нормализираат во иднина и односите со САД, таа очекува да дојдат уште околу 4 милиони туристи од таа земја, која според неа е главната рампа за тргање на санкциите кон Куба. Наспроти општиот впечаток за самоизолација на Куба, таа соопшти дека имаат 106 амбасади во светот, иако го кратат персоналот.

„Латинска Америка не е најбеден континент, туку има најголеми социјални разлики. Цел живот не’ експлоатираат“.

Оваа најава за интензивирање на соработката со Куба доаѓа по најавата од Димитар Мирчев денеска во македонскиот парламент дека, поради блокадата во ЕУ, Македонија мора да бара алтернативи, но тие реално ја оддалечуваат земјата од Европската унија.

Утрински весник

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1