Ниту еден починат од Ковид-19 првпат по 10 месеци, 8 градови без активни случаи


Нема ниту еден починат ковид-пациент во претходното деноноќие, првпат по 10 месеци, а регистрирани се и само осум новозаразени од 3068 тестирања и девет оздравени.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ова е мала победа, која влева надеж, но, апелира да се почитуваат мерките за заштита.

– Првпат по 2 септември 2020, денеска не бележиме ниту еден починат од Ковид-19. Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата. Сепак, мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а единствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме, изјави вчера Филипче.

Досега во земјата се направени вкупно 834 099 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155 536, бројката на оздравени пациенти е 149 628, на починати е 5471, а бројот на активни случаи изнесува 437.

Во Скопје има 189 активни случаи, Куманово – 52, Прилеп – 33, Тетово – 28, Кичево-26. Во осум градови, Кавадарци, Ресен, Берови, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Пехчево и Дојран, нема ниту еден заразен, во три града, Валандово, Македонски Брод и Крушево, само по еден активен случај.

Покрај намалувањето на новозаразени лица, сè е помал бројот и на ковид-пациентите кои се лекуваат во болниците низ државата. На болничко лекување во целата држава се 105 пациенти, од кои 37 се во Скопје.

Во претходното деноноќие од коронавирусот, во Скопје е хоспитализиран само еден пациент – во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“.

Во главниот град, 22 пациенти се хоспитализирани на Инфективната клиника, 14 се лекуваат во ГОБ „8 Септември“ и двајца на Институтот за ТБЦ. Има околу 90 слободни места.

Во ковид-центрите во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 68 пациенти позитивни и сомнителни на КОВИД-19 – во Битола се хоспитализирани четворица пациенти, во Штип и во Струга по пет, Тетово и Прилеп имаат по тројца пациенти, Велес и Охрид по шест, Куманово 18, Гостивар има осум, Струмица девет, Кичево еден, а во Кавадарци и Гевгелија нема хоспитализирани.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1