Ниту една повеќе – протест против насилството врз жените
Протестот беше организиран по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која претходно во повеќе наврати пријавувала насилство и закани по живот. На денешниот марш, од нејзина сограѓанка беше и споделено дека Билјана со недели не одела на училиште, но никој не реагирал за тоа. Нејзината смрт повторно го отвори прашањето дали институциите навистина ги штитат жените кои бараат помош и дали реагираат навреме, пред заканите да прераснат во трагедија.
На денешниот марш во Скопје, пораките не беа насочени само кон осуда на насилството, туку и кон конкретна институционална одговорност. „Не бараме сочувство, бараме одговорност“, „Нема да нѐ снема“, „Ниту една повеќе“ и „Ниту една не требаше да биде вест, сите требаше да се живи“ беа дел од пораките испратени од учесниците.
Организаторите побараа целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана Кириќ и утврдување одговорност за секој евентуален институционален пропуст. Меѓу барањата беа и итно усвојување на законските измени за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, враќање на поимите „род“ и „родова еднаквост“ во законите и јавните политики, како и одговорност за функционерите кои го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените. Беше побарано и враќање на сексуалното образование.








