Основачот на „Фејсбук“ Марк Цукерберг го откри новиот изглед на најпопуларната социјална мрежа во светот. Во измените на Фејсбук највпечатлив е делот за информациите на почетната страница, кои корисникот ги гледа кога ќе кликне на опцијата „News Feed“.
Раководството на компанијата истакна дека на некој начин сакаат да направат „персонализирани информации“.
Трите главни новини на новиот Фејсбук се:
1. Поголеми фотографии и видео снимки – Со новиот дизајн фотографиите и видео снимките ќе бидат поголеми и повидливи, додека поделбата на албумите ќе биде уште полесна.
2. Повеќе информации од претходно – Корисниците ќе добиваат информации, вести и други содржини за лицата, групите и брендовите многу почесто од претходно.
3. Поголема контрола за корисниците – Корисниците ќе имаат многу повеќе контрола во она што го гледаат на својот Фејсбук. Ќе можат да се издвојат одредени информации според категории, како на пример музика или спорт.
Доколку некој сака ќе може да ја следи апсолутно секоја активност која неговиот пријател ја врши на оваа социјална мрежа, од „допаѓање“ до поставување фотографии.
– Нашата мисија од самиот почеток беше да го направиме светот многу поотворен, подостапен, во кој корисниците ќе бидат многу повеќе поврзани, истакна Цукерберг.