Кај 16-годишно девојче од Неготино хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести-Скопје со клиничка слика на менингит, денеска е добиена лабораториска потврда за присуство на бактеријата листерија.
Ова попладнево го изјави претседателот на Комисијата за заразни болести и директор на Клиниката, Звонко Миленковиќ, по завршување на состанокот на Комисијата. Тој рече дека здравствена состојба на пациентката е задоволителна, има први знаци на лесно клиничко подобрување, но се уште постои витална загрозеност.
Посочи дека третманот на пациентката е насочен кон решавање на тој клинички синдром. Во ваква ситуација, истакна, се интересираме на детални анализи од страна на епидемиолошките служби за профилот на вообичаените продукти на консумација.
Станува збор за десетти потврден случај на листерија во Македонија од јуни до денеска. Досега четири лица починаа.
– Ќе се обидеме да ги споредиме последниот и претпоследниот случај на листерија. Сите случаи за кои досега зборувавме, ги поврзуваме исклучиво со користење на идентичен производ во нивната исхрана. Единствен начин на кој се пренесува листеријата е преку храна со исклучок на перинаталната која се пренесува од мајка на дете во моментот на породувањето. Значи тука не постои друг начин освен користење на заедничка идентична храна, рече Миленковиќ.
Потенцира дека на состанокот на Комисијата е определена координативна Работна група, имајќи предвид, како што рече, дека се повеќе мостри се предмет на иследување и анализа. Во Работната група ќе бидат претставници од Институтот за јавно здравје на Македонија, Клиниката за инфективни болести, Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултет за ветеринарна медицина итн.
– Работната група има задача да ги координира работите, како и досега, односно овој зголемен обем на дневна основа ја разгледува за сите можни изолати и анализи кои во следниот период ќе бидат предмет на иследување, додаде Миленковиќ.