Нов случај на листерија во Македонија. Од опасната бактерија инфициран е 48 годишен тетовец. Пациентот е хоспитализиран на Инфективната клиника. Неговата здравствена состојба е стабилна.
– ја добивме оваа потврда од Микробиолошката лабораторија дека и кај овој пациент станува збор за листерија, рече Никола Тодоров, министер за здравство.
Ова е 8-ми регистриран случај на заболен од листериоза. За еден месец од смртоносната бактерија починаа 4 лица. Надлежните сеуште го бараат изворот на листерија. Негативни се од сите десетина досега обработени мостри од сувомеснати производи земени при вонредните контроли на инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Ова се првичните резултати обработени во лабораторијата на Ветеринарниот факултет. Бактеријата не е изолирана ниту во мострите кои досега се анализирани во Институтот за јавно здравје. Токму поради оваа ситуација кога има смртни случаи, а не може да се лоцира изворот на бактеријата министерот за здравство Никола Тодоров вчера поднесе кривична пријава против непознат сторител за пуштање во промет штетни прехранбени продукти.