Двапати неделно од скопскиот аеродром до Берлин, Копенхаген и Братислава. Со новите три нискобуџетни авиолинии за годинава „Виз-ер“ има на располагање повеќе од еден милион седишта, што е пораст на капацитетот за 22 процентa повеќе од лани. Од 20-ти јуни најавија и нова линија од Скопје до Хамбург, ќе биде замена за досегашната до аеродромот Лубек.
„До јануари 2016-та година бројката на превезени патници од и до Македонија достигна два милиони, што значи дека дале директна или индиректна поддршка на повеќе од 2.000 вработени и секако дека палнираме да продожиме со оваа успешна приказна“, изјави Дејвид Морган, извршен директор во „Виз-ер“.
Освен финансиска поддршка за нови линии, постигнат е договор за вработување пилоти. Четворица македонски пилоти се на обука за воздухопловите „Ербас 320“. Од октомври, нови авиолинии и со „Катар Ервејз“ најави министерот Мисајловски.
„Трошоците за обуката, односно за стекнување соодветна дозвола на почеток се на товар на компанијата. По обуката откако пилотите ќе се вработат во компанијата трошоците ќе се одбиваат од нивната плата во период од 30 месеци. По три години вработените пилоти ќе можат да си повратат 50 проценти од овие трошоци. Досега во оваа програма успешно се обучуваат четворица македонски пилоти“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.
Со новите три линии, Скопје сега е воздушно поврзан со 14 главни европски града. Се зголемуваат можностите за патување, за туристички и бизнис посети.
„Се надеваме дека новите линии ќе придонесат за поголем развој на нашиот аеродром, а истовремено ние како ТАВ Македонија заедно со другите чинители ќе се потрудиме да донесеме нови содржини за нашите патници и за нашите авиокомпании“, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.
Лани бројот на патници на аеродромите во Скопје и во Охрид бележи пораст од 22 процента, велат од ТАВ Македонија. Ваквиот тренд продолжил и годинава. Во првите два месеца, преку двата македонски аеродрома биле превезени над 200 илјади патници, за 28 проценти повеќе од истиот период лани.