Нови детали за несреќата која вчера ја потресе Србија и во која шест млади со автомобилот се превртеа во Дунав. Од нив три се удавија, а три успеаја да се спасат.
Според последните информации, 19-годишното момче кое било заробено во багажникот на автомобилот во времето на несреќата прифатило да се вози таму затоа што за сите немало доволно место во автомобилот.
Откако излегле од кафулето, се упатиле кон БМВ-то, но пред да влезат во автомобилот сфатиле дека нема доволно место за сите со еден автомобил да отидат до ресторан на Ада Хуја, каде што имале намера да продолжат со забавата.
„Пријатели, ако нема место, еве јас ќе влезам во багажникот. Не е проблем“, се понудил самиот 19-годишниот Милош Јанковиќ. Легнал во багажникот и го затвориле таму.
Младите, четири момчиња и две девојки, се враќале од забава во раните утрински часови. Возеле брзо, а возачот бил под дејство на алкохол и со себе не носел возачка дозвола, утврди полицијата.
Откако автомобилот излетал во реката, успеале да се спасат возачот, уште едно момче и една девојка. Телата на останатите тројца млади биле пронајдени во автомобилот, но особено стравична била глетката што спасувачите ја откриле кога го отвориле багажникот.
„Удавеното момче се обидувало да излезе до последен момент. Тоа го заклучивме затоа што со ногата успеал да искрши еден дел од задното седиште, обидувајќи се да најде излез од ужасната ситуација. Но, водата брзо навлегла во автомобилот и момчето не успеа да се извлече“, раскажува извор за српски „Блиц“.