Вработени на Меѓународниот аеродром во Каиро, кои го поддржувале забранетото во Египет исламистичко движење Муслиманско братство, пред околу две години на трупот на авионот на компанијата „Иџипт ер“ кој се урна во четвртокот, напишале заканувачки натпис, објави во неделата електронското издание на весникот Њујорк тајмс.
Се уште е мистерија падот на египетскиот ербас А320. Според новите податоци што ги пренесуваат британските медиуми, детекторите за чад се активирале во тоалетот што е поблиску до пилотксата кабина, а потоа дошло до проблем со еден од прозорците во пилотската кабина, што многумина го поврзуваат со експлозијата во авионот.
Следниот аларм за чад се јавил во авионскиот простор под пилотската кабина, а веднаш потоа дошло до нагло губење на контролата над леталото и откажал компјутерскиот систем. Според сознанијата на Њујорк тајмс, на телото на авионот била пронајдена и порака, напишана на арапски јазик „Ќе го урнеме овој авион“.
Службата за безбедност на каирскиот аеродром тогаш го поврзале тоа со тензичната внатрешнополитичка состојба во земјата поради отстранувањето од власт во Египет на исламистичкиот претседател Мохамед Морси во 2013 година, а набрзо потоа Муслиманското братство беше прогласено за терористичка организација и беше забрането нејзиното дејствување.
Подоцна воздухопловната компанија „Еџипт ер“ отпуштила од работа голем број вработени кои биле сомничени како поддржувачи на Муслиманското братство и исламистот Морси. Слични чекори преземале и другите египетски воздухопловни компании, додава весникот.
Притоа, како што укажува Њујорк тајмс, како мерки на претпазливост на секој лет на „Еџипт ер“ имало по двајца безбедносни офицери во цивил. На летот MS804 од Париз за Каиро во четвртокот утрото, пак, имало тројца припадници на безбедност. Поради што била преземена ваквата засилена безбедносна мерка, засега не е познато.
Во текот на летот еден од безбедносните офицери, обично седи на почетокот од кабината, веднаш по делот за бизнис-класата, а вториот кон крајот на авионот. Зошто на овој лет имало тројца безбедносни офицер, соговорниците на весникот не можеле да објаснат.
Причината за падот на авионот со 66 патници и членови на екипажот, меѓу кои државјани на Египет, Франција, Велика Британија, Канада и други земји, засега не е утврдена.
Зошто ниту една организација не презема одговорност
Една од прчините би можело да биде дека терористите воведуваат нов начин на соборување авиони. Прифаќањето одговорност им дава насока на истражителите кон каде да се движат во оневозможувањето на сличен начин да се изведат уште напади, а како промер ги наведуваат експлозив во чевел или во долна облека. Во двата случаја е невозможно да се открие како бил внесен експлозивот откако ќе се случи несреќата.
Потрагата за остатоците продолжува, а Египет испрати и подморници да ги бараат црните кутии.