Новинарот на германскиот неделник „Ди Цајт“ кој е автор на интервјуто во кое е пренесено тврдењето на лидерот на СДСМ дека осудените за случајот Монструм се невини, тврди дека има аудио записи и белешки за разговорот со Зоран Заев, пишува Република.
Новинарот Улрих Ладурнер, кој е соработник за надворешна политика за неделникот со седиште во Хамбург, на прашање дали за својот текст користел снимен разговор со Заев или текстот е напишан врз основа на негови белеши од разговорот одговара дека поседува и аудио материјал и белешки од разговорот.
Претходно Ладурнер го постираше написот и на неговиот профил на социјалната мрежа Твитер. Таму тој не одговора на прашањето дали може да потврди дека Заев навистина рекол дека осудените за „велигденскиот масакр“ кај Смилковското езеро се невини.
Тврдењата на Заев пренесени во Македонија предизвикаа зголемени тензии меѓу албанската јавност особено меѓу семејствата, роднините, пријателите и приврзаниците на осудените за Монструм кои по нивното апсење организираа масовен протест во Скопје на кој што имаше и насилство.
Лидерот на СДСМ Заев вчера преку македонските медиуи демантираше дека дал таква изјава. Тој тврди дека неговите изјави се погрешно интерпретирани од еден од најстарите германски весници.