НСП: Кондовец му вперил пиштол во глава на полициски службеник – сега кривично одговара полицаецот


Независниот синдикат на полицијата жестоко реагира откако вчера МВР поднесе кривична пријава против 6 полициски службеници за наводно „малтретирање при вршење на служба“.

Според синдикатот, полициските службеници дејствувале откако на еден од нив, на влезот во Кондово му бил вперен пиштол во главата со барање да го предаде оружјето.

„ Имено, сакаме да потенцираме дека се работи за кривичноправен настан кој се случил на 18.05.2020 година околу 21:30 часот, на влезот од село Кондово каде бил поставен полициски пункт со двајца полициски службеници поради спроведување на полицискиот час. Во момент кога едниот полициски службеник бил надвор од службеното возило, од зад грб му приоѓа машко лице вооружано со пиштол кое со полуга го фаќа околу вратот и вперувајќи му го пиштолот во слепочницата бара од нив да му го предадат службеното оружје со цел да го одземе. Во тој момент вториот полициски службеник свесен за ситуацијата го вперува неговиот службен пиштол во сторителот и пука еден проектил во воздух за предупредување, во моментот на паника од истрелот го совладуваат сторителот кој пружа активен отпор при што на местото излегуваат и колеги од ЕИП и лицето го лишуваат од слобода и го задржуваат во ПС ОН Ѓорче Петров, каде иако има можност за потешка квалификација настанот се заведува како напад на полициски службеник. Извесен период по критичниот настан иако сторителот лично не вложува преставка до Оделот за внатрешна контрола се отвара истрага во која од камерите на министерството поставени на влезот во С. Кондово се констатира дека полициските службеници наводно употребиле прекумерна физичка сила кон сторителот и се поднесени 6 (шест) кривични пријави против истите.“ – стои во соопштението на синдикатот.

Од таму велат дека за ваква постапка во некоја од демократски развиените држави, полицајците би биле наградени.

„ Доколку овој настан би се случил во некоја поразвиена држава веројатно полициските службеници би биле одликувани со орден за храброст што иако биле исполнети условите да го лишат од живот сторителот без жртви и повреди го лишиле од слобода лицето, но кај нас истите добиваат кривични пријави. Поради ваквиот начин на постапување во последните неколку години се појавува тенденција на зголемување на бројот на напади на УПС, а сторителите најчесто поминуваат со условни осуди и ги повторуваат делата. Полициските службеници учејќи од туѓите грешки меѓусебно се советуваат на непостапување затоа што во конкретниот случај доколку истите едноставно го предале оружјето на сторителот ќе поминеле без никакви санкции. Полициските службеници се живи луѓе со емоции, страв, стрес и фамилија. Работејќи за потпросечна плата истите се принудени да се справуваат со секаков ризик и со оружје вперено кон нив повторно да останат на висина на задачата, во спротивно веднаш ќе бидат квалификувани како криминалци“ – стои во соопштението.

Вчера МВР соопшти дека против шест полициски службеници вработени во СВР Скопје, поради основано сомнение дека на 18 мај годинава сториле кривично дело „малтретирање во вршење служба“ по член 143 од Кривичниот законик, поднесена е кривична пријава од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинитество за гонење организиран криминал и корпуција – Одделение за гонење на сторители на кривични дела на лица со полициски овластувања.

„По извршените проверки и увидот во безбедносните камери констатирано е дека на настанот претходел друг кривично-правен настан, по што оштетениот бил врзан со лисици за врзување и врз него неосновано била употребена физичка сила, со што биле пречекорени полициските овластувања, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Против пријавените полициски службеници, според соопштението, е поведена и постапка за утврдување дисциплинска одговорност во МВР.“ – велат од Министерството за внатрешни работи.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1