Обединетите нации ја заменија референцата „Поранешна југословенска република Македонија“, со името „Северна Македонија“ во списокот на признати држави.
Промената во ОН е направена на 14 февруари во вечерните часови. Министерството за надворешни работи истата вечер ги достави вербалните ноти до Обединетите нации (ОН) со кои информира за настанатите промени со името на земјава.
-Република Северна Македонија согласно обврските од Конечната спогодба ги достави трите вербални ноти: Вербална нота од Постојаната мисија до Протоколот на ОН, Вербална нота од Постојаната мисија до земјите членки и земјите набљудувачи на ОН и Вербална нота од Министерството за надворешни работи до сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, со кои се информира за настанатите промени, информира тогаш Министереството за надворешни работи.