Книгата „Македонски народни песни собрани од Лазар Дума“ (1913 година) од д-р Татјана Жежељ – Каличанин ја објави издавачката куќа „Камелеон“ од Скопје.
Книгата го содржи ракописот со македонски народни умотворби што Лазар Дума пред 100 години (1913) ги предал во Архивот на Српската академија на науките и уметностите.
-Песните што ги содржи зборникот се одликуваат со целосна оформеност, ексклузивност, богатство на мотиви и теми со специфики на дијалектот со кој се служеле информаторите, како и со особена прецизност на запишувањето од страна на Дума, некогашен началник на просветното одделение во Министерството за надворешни работи во Букурешт како и на неговите анонимни помошници, пишува во предговорот д-р Татјана Жежељ – Каличанин.
Песните биле запишувани од повеќе лица, од повеќе информатори и со повеќе ракописи, кои Лазар Дума ги препишал и ги обединил во три обемни тетратки кои ги предал во Министерството на кралска Југославија во Букурешт. Оттука тие биле препратени во Министерството на кралска Југославија во Будимпешта, за најпосле во 1913 година да стигнат до Белград каде што биле грижливо обработени и зачувани во Етнолошкото одделение при Архивот на САНУ. Овде овие материјали биле заведени како „Песни од јужна Србија“ или „Песни од Битолскиот вилает“.
Ракописот содржи богат фолклорен материјал, 36 епски песни, 14 верски песни и поголем број лирски песни, во зборникот именувани како женски песни. Богатство на зборникот се и големиот број приказни.