ОБВИНИТЕЛСТВОТО СОБИРА ДОКАЗИ ЗА НАПАДОТ ВРЗ 42-ГОДИШНАТА ГОСТИВАРЧАНКА


Јавното обвинителство презема дејствија за утврдување на сите околности околу нападот врз 42-годишната жена од Гостивар, која со тешки телесни повреди беше примена на Клиниката за интензивно лекување во Скопје.

Од Обвинителството информираат дека осомничениот за нападот е обезбеден и дека во тек е итно прибирање докази, согласно воспоставената процедура за постапување по пријави за семејно насилство.

„Сторителот е обезбеден и се постапува. Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази, согласно воспоставената процедура за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство“, соопштија од Обвинителството.

Во постапката се вклучени полициски службеници и Центарот за социјални работи, а правната квалификација на делото ќе биде одредена откако ќе бидат обезбедени и анализирани сите докази.

Според досегашните информации, 52-годишниот сопруг на жената бил лишен од слобода на 27 ноември во гостиварско село, по пријава дека физички ја нападнал сопругата во семејниот дом, при што употребил и остар предмет.

Жената најпрво била згрижена во болницата во Гостивар, а потоа, поради сериозноста на повредите, во бессознание била пренесена во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Таа има тешки повреди на главата и градниот кош, меѓу кои и скршеници на ребрата, парцијален пневмоторакс и мала ефузија, поради што е задржана на интензивно лекување на КАРИЛ.

МВР соопшти дека осомничениот при приведувањето давал отпор, нападнал полициски службеници и повредил еден од нив. По лишувањето од слобода бил спроведен во Психијатриската болница во Бардовци.

Случајот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде граѓани го осудуваат семејното насилство и бараат поголема заштита на жените жртви на насилство.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1