Лицата ангажирани со привремени договори во дел од јавниот сектор би добиле вработување на неопределено време во две фази, најдоцна до 31 декември 2027 година. Ова го предвидува Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос, поднесен од група пратеници по скратена постапка.
Трансформацијата ќе зависи од исполнувањето на условите за работното место и согласноста на Министерството за финансии, кое може да ја одбие и поради недостиг на буџетски средства.
Предлогот се однесува на лицата ангажирани со договори на определено време, договори за дело, авторски договори и преку агенции за привремени вработувања. Опфатени се државните органи, установите од културата, здравството, детската и социјалната заштита, јавните претпријатија, заводите, фондовите и другите правни лица основани од државата, како и лицата ангажирани за административни работи во општините.
Договорите во рок од 90 дена, вработувањето во две фази
Според членот 3, институциите ќе треба во рок од 90 дена од влегувањето на законот во сила да склучат договори или да донесат решенија за вработување на неопределено време.
За најмногу 50 проценти од ангажираните, вработувањето би започнало веднаш, а за останатите најдоцна до 31 декември 2027 година. Во предлогот не се наведени критериуми според кои ќе се утврдува кој ќе биде опфатен во првата, а кој во втората фаза.
До почетокот на новиот работен однос, институциите нема да смеат да ги раскинуваат постојните договори, освен во случај на повреда на договорните обврски.
Нема услов за минимален стаж
Иако предлагачите се повикуваат на долгогодишни ангажмани, не е предвиден минимален период на претходна работа во институцијата.
Според членот 2, право на трансформација ќе имаат лицата со договор склучен до денот на влегувањето на законот во сила. Сепак, ќе мора да ги исполнуваат општите и посебните услови за работното место, согласно законот и систематизацијата.
Институциите што треба да ја изменат систематизацијата ќе имаат рок од 14 работни дена за нејзино усогласување.
Министерството за финансии може да ја запре трансформацијата
Клучен услов е согласноста од Министерството за финансии, која ќе се бара преку институцијата, со доставување на договорите со ангажираните лица.
Министерството може да ја одбие ако не се исполнети законските услови или ако нема расположливи буџетски средства. Согласност ќе биде потребна и за пријавување на вработувањето во Агенцијата за вработување.
Во предлогот не е утврден рок во кој Министерството треба да одговори, ниту е прецизирано како ќе се постапува со рокот од 90 дена доколку согласноста изостане.
Кој е исклучен од законот?
Трансформацијата нема да ги опфати акционерските друштва, канцелариите за контакти на пратениците со граѓаните, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, како и високообразовните и научните установи.
Исклучени се и Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.
Од 2028 година ограничување на новите договори
Од 1 јануари 2028 година, институциите ќе можат да ангажираат лица со вакви договори најмногу до 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот од претходната година, со претходна согласност од Министерството за финансии.
Процентот ќе може да се надмине најмногу четири месеци во една фискална година, повторно со согласност од Министерството.
Ограничувањето нема да важи за одредени ангажмани, меѓу кои проекти финансирани од странски извори, адвокатски и сметководствени услуги, надворешни соработници на пратеничките групи и одделни стручни и теренски ангажмани во државните институции.
За раководителите кои ќе постапуваат спротивно на членот 6 е предвидена глоба од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
Без точна бројка на опфатени лица и пресметка на трошоците
Во предлогот не е наведено колку лица би добиле редовно вработување, ниту колку ќе чини трансформацијата.
Предлагачите признаваат дека ќе се зголемат трошоците за плати, придонеси и надоместоци, но посочуваат дека дел од средствата веќе се исплаќаат преку договорите, па дополнителниот трошок би бил разликата до целосниот износ за редовно вработување.
Тие тврдат дека средствата се обезбедени во државниот буџет и институциите, но во предлогот не се наведени конкретни износи.
Законот се предлага по скратена постапка, со образложение дека не е сложен и обемен. Треба да стапи во сила на денот на објавувањето во „Службен весник“, кога ќе престане да важи досегашниот Закон за трансформација во редовен работен однос.








