Србија ѝ ја одзеде дозволата на Алта банка, која лани ја презеде Стопанска банка Битола


Српската Народна банка утврдила значително влошување на финансиската состојба на белградската банка, која во 2025 година стана мнозински акционер во Стопанска банка Битола, денес АЛТА банка АД Битола. Регулаторот одлуката ја образложи со загрозување на интересите на депонентите и ризици за ликвидноста.

Народната банка на Србија (НБС) на 31 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград. На одлуката ѝ претходеле контролни активности насочени кон подобрување на ликвидноста, но регулаторот утврдил можност за дополнително влошување на финансиската состојба.

Српската Агенција за осигурување депозити треба со судско решение да биде именувана за стечаен управник, а во рок од седум работни дена ќе треба да им овозможи на депонентите исплата на осигурените износи.

Алта банка во октомври 2025 година го заврши преземањето на Стопанска банка Битола.

На 12 декември 2025 година, по добиените согласности од македонската Народна банка, измената на Статутот и уписот во Централниот регистар, банката официјално го промени името во АЛТА банка АД Битола.

Oдземањето на дозволата беше проследено со јавни обвинувања за наводно префрлање големи суми пари од Србија кон Македонија, по парламентарните избори во Србија, на кои партијата на Александар Вучиќ по 14 години на власт загуби од Студентската листа.

Српскиот адвокат Иван Ниниќ тврдеше дека располага со оперативни сознанија за забрзани трансфери од една банка кон сметки и правни лица во Скопје и Москва. Според Н1, тој во објавата не ја именувал банката. Претставничката на студентското движење, Сара ел Сераг, пак, тврдеше дека парите се изнесуваат преку Алта банка.

Сепак, НБС во образложението за одземање на дозволата наведува влошена финансиска состојба и ризици за ликвидноста и депонентите, но не ги потврдува тврдењата на СДСМ за трансфери од над 50 милиони евра кон Македонија, ниту ги наведува како причина за одлуката.

Депозитите се осигурени до 50.000 евра

По одлуката на НБС, граѓани утрово се собраа пред филијала на Алта банка во Нови Сад, барајќи информации и можност да ги повлечат своите пари. Снимките објавени од „Крени промени“ покажуваат редица пред банката, додека се отвораат прашањата за судбината на депозитите и за македонската банка чиј доминантен акционер е белградската Алта банка.

Во Србија депозитите се осигурени до 50.000 евра по депонент во една банка, без оглед на бројот на сметки.

Според српската Агенција за осигурување депозити, исплатата ќе започне најдоцна седум работни дена по судското решение за отворање стечајна постапка. Депонентите со заштеди над осигурениот лимит остатокот ќе треба да го побаруваат во стечајната постапка.

Агенцијата дополнително ќе ги објави местата, условите и роковите за исплата. Собирањето граѓани пред филијалите не значи дека банката продолжува редовно да ги исплаќа депозитите по одземањето на дозволата.

Од менувачници до големи државни зделки, а потоа финансиски проблеми

Вниманието кон Алта банка е зголемено и поради деловната историја на нејзиниот сопственик, српскиот бизнисмен Давор Мацура.

Неговата Алта група започнала со менувачници, а потоа се проширила во банкарството, платежните услуги, осигурувањето, недвижностите и други дејности.

Во последните години банката станала значаен партнер на големи српски јавни претпријатија, меѓу кои Електростопанството на Србија, белградскиот „Паркинг сервис“ и Авто-мото сојузот на Србија.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1