Синдикалците и работодавачите договорија исплата на регрес за годишен одмор или популарно познат како K-15 за работниците во стопанството. Минималниот износ што работодавачите од наредната година ќе мораат да им го исплатат на над 300.000 работници од приватниот сектор ќе изнесува минимум 40 отсто од просечната плата исплатена во последните три месеци.
Тоа би значело дека со просечна плата од околу 21.000 денари, минимумот што работодавачите би требало да го исплатат би изнесувал околу 8.400 денари или 137 евра.
Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи вчера го потпишаа Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, каде што една од главните измени е тоа што е договорена и висината на регресот за годишен одмор. Во него е предвидена и можноста на ниво на дејност да се утврди и повисок износ на регрес од тој што е утврден во Општиот колелективен договор кој ќе важи од почетокот на 2014 година и ќе се применува во следните две години.
Од ССМ соопштија дека сега е утврдена висината на регресот во Општиот колективен договор, кој согласно Законот за работните односи, е обврзувачки за сите работници и работодавачи.